Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска дадоа свечена изјава

Новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Новиот состав на ДКСК е составен од претседателката на Комисијата Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР) и членовите судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.

Претседателката на ДКСК Димитровска во изјава за медиумите истакна дека ќе работат независно и објективно и нема да дозволат никаков притисок или влијанија. Како ДКСК, потенцира таа, во насоката на штитење на интегритетот и јакнење на доверба на народот, односно на државата ќе истражуваме, ќе испитуваме и ќе даваме препораки и политики за спречувањето на корупцијата.

-Секако сами како институција не е доволно да се заштитиме од овој феномен корупција којшто е генератор на многу проблеми во општеството. Како значајни чинители во оваа борба против корупција се секако и медиумите коишто имате обврска да обелоденувате, истражувате и секако со вашата објективност и непристрасност ќе придонесете за обелоденување за многу сомнежи во корупција. Понатаму, многу значајна улога, можеби и најзначајна владините институции коишто со нивниот интегритет и ефикасност ќе придонесат кон спречување на борбата кон корупција, понатаму граѓаните. Особено значајно се и меѓународните институции коишто ќе овозможат размена на податоци, информации коишто и тоа како се од големо значење за нас како ДКСК, рече Димитровска.

Димитровска нагласи дека за нејзе претставува чест и задоволство да се работи во институција која што во минатото докажа дека е поставена на високи професионални стандарди и се надеваме дека со нашиот личен и професионален капацитет којшто го поседуваме ќе придонесеме за зголемување на интегритетот на државата.

На новинарско прашање дека претходниот состав често истакнуваше дека има проблеми со институциите кои треба да ја продолжат нивната работа како што е Обвинителството, бидејќи ако вашата работа не продолжи во овие институции понатаму згаснува, Димитровска нагласи дека најнапред треба да ја воочат состојбата каква е и да видат со кои предизвици ќе се соочуваат.

-Меѓутоа, и тоа како значајна карика во тој систем е Јавното обвинителство. Исто така, за нас е од особено значење секоја иницијатива или секоја покрената постапка да заврши со правосилна судска одлука што значи дека ќе настојуваме да ја интензивираме таа соработка се со една заедничка цел да ја спречиме корупцијата, рече таа.

Во врска со тоа дали имаат некоја идеја или план како да ја зголемат имплементацијата на препораките, Димитровска рече дека преку нивната борба, преку медиумите и граѓаните ќе настојуваат да ја подигнат свеста во сите владини институции за решавање на овој проблем.

-И во Извештајот на ЕК беше нотирано дека и тоа како ДКСК бележи проактивна улога во давањето на насоки и политики за спречување на корупција. Повторно ќе кажам дека преку нашата борба, еве преку вас медиумите, граѓаните ќе настојуваме да ја подигнеме свеста не само кај Јавното обвинителство кое секако си има свои надлежности во своето работење, меѓутоа и во другите владини институции што значи дека ќе се бориме заеднички сите во решавање на овој феномен, односно проблем, рече таа.

Димитровска истакна дека нејзин мотив да се пријави за член на ДКСК било тоа дека може да се оди чекор нагоре во борба против корупција која што е во моментов најсериозен проблем на едно општество.

-Мојата мотивација како што ја наведов и во самото интервју кога го спроведувавме беше лично професионално и од свој личен мотив имајќи го во предвид моето долгогодишно работно искуство како државен ревизор кое што искуство и тоа како е признато и од многу меѓународни фактори. Ми беше мотив дека може да се оди чекор нагоре во борба против корупција која што е во моментов најсериозен проблем на едно општество, рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се справуваат со притисоците, Димитровска рече дека нема да потклекнат на ниту еден притисок и влијание. Потенцира дека ќе работат независно и објективно, ќе бидат транспарентни, одговорни и ќе бидат отворени за соработка.

Во врска со прашањето дали смета дека треба да се донесе некое дополнително законско решение за да може да има поголеми ингеренции ДКСК, Димитровска одговори дека уште не е момент да говори на тоа прашање и потенцира дека Комисијата ќе ја разгледа целокупната законска регулатива и доколку сметаат дека постојат недоречености или слабости во истата ќе преземаат мерки за надминување на истите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново