Од денеска македонски и српски полицајци заедно патролираат во Охрид

Македонски и српски полициски службеници од денеска почнуваат со заеднички патроли во Охрид, каде во текот на летната туристичка сезона традиционално престојуваат голем број гости од Србија.

Припадниците на српското Министерство за внатрешни работи ќе работат секојдневно со своите македонски колеги од 7 јули до 31 август 2026 година. Во тимовите ќе бидат вклучени униформирани полицајци и еден службеник од криминалистичката полиција.

Не станува збор за самостојни патроли на српската полиција. Според објавеното соопштение, српските службеници ќе работат исклучиво заедно со полицајци од македонското МВР, во рамките на договорената прекугранична соработка за време на туристичката сезона.

Главната задача на српските полицајци е да им обезбедат информации и помош на државјаните на Србија кои летуваат во Охрид, како и да ја олеснат комуникацијата со македонските полициски служби доколку туристите пријават кражба, загубени документи, сообраќаен проблем или друг безбедносен настан.

Српските туристи може да контактираат со униформираните полициски службеници на телефонските броеви 064/892-7140, 064/892-1348 и 064/892-6876. Криминалистичкиот полицаец е достапен на бројот 064/892-2801.

Заедничките патроли се спроведуваат врз основа на Протоколот за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона, потпишан меѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и Србија.

Овој модел на соработка беше договорен во јули 2024 година, кога министрите Панче Тошковски и Ивица Дачиќ најавија ангажирање четворица српски полицајци во Охрид поради зголемениот број туристи од Србија. Првите заеднички патроли беа воспоставени во август истата година, а соработката продолжи и во текот на летото 2025 година.

Минатогодишното искуство покажа дека туристите секојдневно им се обраќале на мешаните патроли за информации, помош и пријавување проблеми. Полициските службеници биле присутни на најфреквентните места во градот, на крајбрежјето и во зоните со најголем број посетители.

Заедничките патроли во Охрид ќе работат до 31 август, кога завршува периодот опфатен со годинешниот протокол за летната туристичка сезона.

Најчитано