Охрид на чекор од одлука за црна листа на УНЕСКО

Охридскиот Регион повторно е пред клучна одлука на УНЕСКО. Комитетот за светско наследство на својата 48. сесија, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја, треба да ја разгледа состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот Регион и да одлучи дали ќе биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува Македонија и Албанија да ја избегнат таквата одлука. Тој изјави дека е поголем оптимист по разговорите со претставници на земјите членки на Комитетот за светско наследство и по посетата на меѓународната делегација на Охрид.

Во Охрид на крајот од јуни престојуваа делегати и претставници при УНЕСКО од Бангладеш, Либан, Кенија, Полска, Турција, Перу и Монголија. На средбите со централната и локалната власт биле претставени активностите за заштита на езерото, културното наследство и одржливото управување со регионот.

Николоски оцени дека Македонија води „силна битка“ за Охридскиот Регион да не биде прогласен за загрозено светско наследство. Тој нагласи дека одлуката ја носат државите членки на Комитетот, поради што Владата во изминатиот период ги засили дипломатските разговори со нивните претставници.

Сесијата во Бусан, сепак, не е Генерално собрание на УНЕСКО, како што беше наведено во дел од домашните медиуми, туку седница на Комитетот за светско наследство. Тоа е телото кое ги разгледува состојбите на заштитените подрачја и ги носи одлуките за впишување на Листата на светско наследство во опасност.

Охрид минатата година избегна непосредно впишување на оваа листа, откако Комитетот прифати изменета одлука и им даде дополнителен рок на Македонија и Албанија. Двете држави добија обврска до 1 февруари 2026 година да достават нов извештај и да подготват конкретни корективни мерки со рокови за нивно спроведување.

Одлуката од 2025 година не значеше дека опасноста е отстранета. Комитетот оцени дека условите за впишување на Охридскиот Регион на Листата на загрозено наследство се исполнети, но одлучувањето го одложи за 48. сесија.

УНЕСКО тогаш предупреди дека урбанизацијата, слабостите во просторното планирање, несоодветните интервенции, загадувањето и еутрофикацијата на езерото, како и големите инфраструктурни проекти, предизвикуваат сериозно влошување на вредностите поради кои регионот има светски статус.

Од Македонија беше побарано да ги забрза генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, да направи систематска проценка на дивоградбите и да преземе мерки за отстранување или намалување на нивното негативно влијание.

Посебни забелешки беа упатени за заштитата на Студенчишкото Блато, градежните активности во близина на комплексот „Горица 3“, загадувањето кај Грашница и Радожда, управувањето со отпадот и иднината на депонијата Буково.

Меѓу најчувствителните прашања е и Коридорот 8. Николоски изјави дека по посетата на претставниците на УНЕСКО е оптимист дека автопатската делница Требеништа – Струга – Ќафасан ќе се гради и дека треба да се избере најсоодветната траса.

Во официјалната одлука на УНЕСКО од 2025 година, меѓутоа, нема одобрение за изградба на автопатот. Од Македонија се бара студиите за можните траси на автопатот и железницата на Коридорот 8, заедно со процените на влијанието, да бидат доставени на разгледување пред да се донесат неповратни одлуки. Побарано е и запирање на развојните активности во проектните зони додека процените не бидат завршени и прегледани.

Затоа изјавата дека изградбата веќе не е спорна претставува оценка на Владата, додека официјалниот став на Комитетот ќе биде познат дури по разгледувањето на документите и расправата во Бусан.

Македонија и Албанија на 30 јануари годинава доставиле заеднички извештај за состојбата со Охридскиот Регион. Во јавно достапните документи за сесијата, предметот е упатен во дополнителниот документ WHC/26/48.COM/7B.Add.3, но конечниот текст со анализата и предложената одлука за Охрид сè уште не е достапен на страницата на Комитетот.

Впишувањето на Листата на светско наследство во опасност не значи автоматско бришење на Охрид од Листата на светско наследство. Станува збор за механизам со кој се утврдува дека заштитеното подрачје се соочува со сериозни закани и се воведуваат прецизни корективни мерки, засилен меѓународен надзор и можност за дополнителна стручна и финансиска поддршка.

Охридското Езеро беше впишано на Листата на светско наследство поради природните вредности во 1979 година, а една година подоцна заштитата беше проширена и на културното наследство. Во 2019 година подрачјето беше проширено и на албанскиот дел од езерото, со што стана заедничко прекугранично светско наследство на Македонија и Албанија.

Најчитано