Ингрид Александра направи важен чекор кон својата идна улога како кралица

Ингрид Александра, престолонаследничката на Норвешка, денеска потпиша свечена заклетва со која стекна можност во иднина да ја преземе улогата на регент во отсуство на нејзиниот татко, кралот Хокон Осми. Таа ја потпиша заклетвата во Кралската палата во Осло, истиот ден кога нејзиниот татко пред норвешкиот парламент се заколна дека ќе ја почитува Уставот и законите на земјата. 

Потпишувањето на заклетвата е важен уставен чекор за 22 годишната Ингрид Александра, која по смртта на нејзиниот дедо, кралот Харалд Петти, стана прва во редот за наследување на престолот по својот татко. Таа со тоа ја презема улогата на идната кралица на Норвешка, а во случај на потреба ќе може да извршува одредени уставни должности како регент. 

Новата улога доаѓа само неколку дена по смртта на кралот Харалд Петти, кој почина на 89 годишна возраст по 35 години на престолот. Неговиот син Хокон веднаш го наследи престолот и стана крал Хокон Осми, но денешното полагање заклетва пред парламентот беше неговиот прв голем уставен чин како монарх. 

Хокон Осми ја положи заклетвата во главната сала на норвешкиот парламент во Осло, во присуство на пратеници и членови на владата. На церемонијата покрај него беа неговата мајка, кралицата Соња, неговата ќерка Ингрид Александра и синот Свере Магнус. 

Заклетвата на Ингрид Александра има практично значење, бидејќи таа во иднина може да биде повикана да го заменува кралот кога тој нема да може да ги извршува своите уставни обврски. Тоа може да вклучува и претседавање со состаноци на Државниот совет, односно формалниот орган преку кој кралот ги извршува дел од своите уставни функции. 

Ингрид Александра е родена во 2004 година и е првото дете на Хокон и кралицата Мете Марит. Благодарение на измените на правилата за наследување од 1990 година, кои воведоа еднакво право на наследување без оглед на полот, таа остана пред својот помлад брат Свере Магнус во линијата за престолот. Така, доколку еден ден стане кралица, ќе биде првата жена што ќе владее со Норвешка по средновековната кралица Маргарета. 

Нејзиното денешно појавување има дополнителна симболика бидејќи Ингрид Александра беше покрај својот татко за време на неговото прво формално појавување како крал. Таа со тоа не само што ја потврди својата позиција како престолонаследничка, туку за првпат се најде во центарот на еден од најважните уставни моменти во современата норвешка монархија. 

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?