Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2024

Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA) Residency Unlimited, Њујорк, Trust for Mutual Understanding, Њујорк, го објавуваат Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2024 за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата ДЕНЕС од 2023 година се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.

Оваа значајна и независна награда, која се доделува по осумнаесетти пат во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, од минатата година во која го одбележа и своето 20 годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции. ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Отворениот повик трае од 16 април до 31 мај, 2024 година, резултатите за тројцата финалисти ќе бидат објавени на 5 јуни, 2024 година.

Пријавувањето е на следниот линк: https://forms.gle/2gegiuMSBrETi6YLA.

Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата кон средината на ноември 2024 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот август-септември 2025 година.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

НАГРАДА ДЕНЕС – НАГРАДА СО ДВОДЕЦЕНИСКИ КОНТИНУИТЕТ

Во 1990 година Венди В. Луерс, основачка и директорка на Фондацијата за граѓанско општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да оддаде признание на уметничката изврсност на младите визуелни уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД.

Основачи на наградата во Македонија се Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. Од 2015 год. водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.

Од 2015 до 2023 год, наградата се доделуваше секоја втора година на млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години. Дополнително, меѓу-годината ФРУ ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, составена од серија на настани со цел да се зајакне и поттикне знаењето на младите визуелни уметници во земјава. Од 2023 година наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво и вклучува и други новини и резиденции.

Програмата или мрежата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/ ) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding. Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора. Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк.

Повеќе инфомации за критериумите за аплицирање: http://akto-fru.org/en/Критериуми-за-аплицирање_application-criteria/

Повеќе инфомации за процесот на избирање: http://akto-fru.org/en/Процес-на-избирање_selection-procedure/

За сите прашања можете да се обратите кај: Ивана Васева  ivana.vaseva@gmail.com или да ја консултирате веб страната: www.akto–fru.org

Треба да знаете
Moже да ве интересира