Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

По објавите на косовски медиуми за обид за атентат на Курти во Скопје, МВР демантира

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Тони Ангеловски денеска во изјава за ЦИВИЛ МЕДИА демантираше дека имало каков било обид за атентат на косовскиот премиер Албин Курти за време на неговата посета на Скопје, откако претходно косовски медиуми објавија дека се подготвувал „српски план за негово убиство“.

„При посетата на премиерот на Република Косово, Албин Курти, во Скопје, немало обид за атенатат врз него. Што се однесува до обезбедувањето при посетата на премиерот Курти, тоа е организирано по однапред пропишани правила и безбедносни проценки“, истакна Ангеловски во изјавата за ЦИВИЛ МЕДИА.

Јавниот сервис на Косово претходно извести дека Курти бил под строги безбедносни мерки за време на неговиот престој во Скопје, бидејќи имало информации за обид за атентат врз него.

Косовскиот премиер денеска истакна дека на средбата што ја имал со сестринските социјалистички партии во Скопје, добил информации за „многубројни закани од поединци и структури кои имаат корени од официјален Белград“, објави Радио-телевизија на Косово (РТК) и додаде дека „постојат информации за обид за атентат врз Курти“.

Извори од безбедносните институции на Косово за РТК велат дека косовските безбедносни институции по добиената информација ги известиле надлежните институции во Скопје.

„Веднаш беа формирани заеднички работни групи кои беа распределени низ Скопје, особено во периметарот на локацијата каде што престојуваше Курти“, нагласува изворот.

Г. Т.

Треба да знаете
Moже да ве интересира