Почина хрватската и европска писателка Дубравка Угрешиќ

Хрватската и европска писателка Дубравка Угрешиќ почина денеска на 73 години од животот, во кругот на пријателите и семејството.

Дубравка Угрешиќ се етаблираше како една од најистакнатите европски книжевнички и есеистки. Од нејзините рани постмодернистички дела, преку елегичното соочување со распаѓањето на нејзината југословенска татковина и промените после паѓањето на Берлинскиот ѕид, до записите за популарната и книжевната култура, нејзиното дело е обележано со ретка комбинација на иронија, полемичност и сочуствителност.

Нејзини најпознати наслови се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Форсирање на романот река“ (прва жена добитник на престижната награда за роман на „Нин“ во 1988), „Култура на лагите“, „Баба Јага снесе јајце“, „Лисица“.

Режисерот Рајко Грлиќ го екранизираше нејзиниот роман „Штефица Цвек во челустите на животот“ и филмот стана вистински филмски хит.

Дубравка Угрешиќ живееше и работеше во Амстердам.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура заедно со Мултимедијалниот институт од Загреб, во изминатава година, во пријателска комуникација и соработка со Дубравка Угрешиќ ги подготвија и преведоа нејзините книги: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Тука нема ништо“, „Црвеното училиште“ и „Тука нема ништо“. Наскоро ќе ја отвориме и нејзината изложба, нејзиниот интердисциплинарен подвиг во визуелните уметности „Црвеното училиште“.

Други нејзини дела преведени на македонски јазик се „Доба на кожата“, „Европа во сепија“, „Лисица“, во изадание на Антолог, „Музеј на безусловното предавање“, „Забрането читање“, „Култура на лагата“, „Баба Јага снесе јајце“, „Министерство на болката“, „Нема никој дома“, во издание на Сигмапрес. (Р.Р. / МИА)

Фото/ КРИК – фестивал

Зачлени се на нашиот е-билтен