Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Потег во стилот на Живков или Чаушеску-Режисерот Тозија реагира на поништениот конкурс на Агенцијата за филм

Режисерот Вардан Тозија жестото реагираше на одлуката на Агенцијата за филм да го поништи конкурсот за поддршка на македонски филмови за 2024 година и годинава да не поддржи ниту еден проект.

„Неодамна, до мене, верувам и до останатите филмски работници, беше пренесена шокантната одлука на Агенцијата за филм на Република Македонија, да се поништи и суспендира конкурсот за финансирање на филм за двата повици во 2024 година. Во превод: Тој мораториум ќе доведе до прекин на создавање на филмски дела од следната година, и таа празнина ќе не’ изолира од светските текови. Потег во стилот на Живков или Чаушеску. Ме потресе молкот на и кратковидоста на филмските работници – не се случи никаква реакција. Опортунизмот на малограѓанската средина не ја избегнува и филмската фела. Напротив. Некои си натрупале проекти од минатите години, и мудро си молчат. Некои си имаат коруптивна позадина од блиското минато – и тие молчат. Некои се надеваат на идна партиска поддршка – и секако, молчат. Нема реакција и од Министерството за Култура (од неодамна, и за Туризам)“, напиша Тозија на Фејсбук.

„Образложението од Агенцијата за Филм е дека се случувале нерегуларни, вонзаконски активности во минатите конкурси. ДОБРО УТРО! И врапците знаат за сите криминали и коруптивни активности низ минатото во таа Агенција, во “партнерство“ со дел од филмските фраерчиња. Ја имаат целата моја поддршка за правна разврска или кривични санкции за сторителите. Најдете ги. Судете ги. Но, не. Наместо тоа, оние што си ги натовариле бисагите можеби малку ќе одморат. А мораториумот ќе се однесува на СИТЕ, затоа што Агенцијата била во ДОЛГОВИ. Дали сите сме виновни за коруптивноста? Сите сме виновни што сторителите не одговараат пред правдата?“, пишува Тозија.

„Според оваа аналогија, доколку се најдат три корумпирани земјоделски комбинати, тогаш треба да се прекине производството на храна во цела Македонија. Или доколку се констатира злоупотреба на системите на наводнување во неколку општини, нека се укине водоснабдувањето за сите. Но ова е култура. Мала фела на индивидуални работници кои работат надвор од оквирите на буџетарската, административна гласачка машина. Но останува неспорен факт, дека и покрај сите предизвици, токму филмот на најдобар начин ја претставува нашата земја веќе долги години надвор од нејзините граници“, вели режисерот.

Тажно е што институциите и продукциите од целиот свет веќе добиваат сознание за овој блатантен потег. Сега секој филмски автор, кој бил во поодмината фаза за меѓународна соработка за проект, треба да објасни зошто неговата земја спровела мораториум на филмско финансирање. Сфативме дека културата не е посебно важна. Важно е да се вергла за ИДЕНТИТЕТОТ, од сите засегнати страни кои очекуваат инстант материјални продобивки. Ајде, тогаш да прибегнеме кон реторика која многу ја милуваат нашите политички субјекти. Дали овој скромен потег може да се карактеризира како НАЦИНАЛНО ПРЕДАВСТВО? Дали оневозможувањето на градење на културна афирмација значи ПОТКОПУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ? Или тие зборови се резервирани екслкузивно за тајфи ефтини муабетчии на скапи службени ручеци? Македонија не ја претставуваат тие муабетчии. Ја претставуваат луѓе кои работат со доблест и посветеност – а такви има и во културата. За жал, испаѓа дека тие луѓе континуирано се казнуваат“, додава Тозија во објавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен