Промоција на книгата „Картографирање на себеси“ од Славица Гаџова Свидерска во КИЦ Софија

На 12 октомври (четврток), од 18:30 часот, во КИЦ на Република Северна Македонија ќе се одржи промоцијата на книгата „Картографирање на себеси“ од македонската поетеса Славица Гаџова Свидерска.

На вечерта посветена на книгата, преведена и издадена на бугарски јазик од издавачката куќа „Ерго“, ќе говорат издавачот Мартин Христов, преведувачката Поли Муканова, писателот Владимир Левчев, и авторката Славица Гаџова Свидерска.

За „Картографирање на себеси“ Левчев вели дека во прекрасните стихови со кои Славица Гаџова Свидерска се картографира себеси, го откриваме целиот свет: од „Охридска“ до „Африканска“ и до „Арктичка“ стихотворба, од домашните архиви на телата до скривалиштата на стравот.

-Свидерска е македонска, но и космополитска поетеса со неповторлив творечки ракопис. Лесно и непринудено таа постигнува завидна длабочина и висок квалитет во својата поезија. Секоја стихотворба во оваа книга е откровение – оценува Левчев.

Издигајќи го својот моќен, бескомпромисен глас против секакви варијации на „политиката на стравот“, авторката успева да го закотви и победи стравот, не со очај, бегство или пренебрегнувачки однос, а преку создавање на мирно, спокојно, сигурно, скоро магиски заштитено катче. Имено во тоа циклично повторување на почетокот и крајот е исходот, спасението од ирационалниот страв во овој свет овде и сега, пишува д-р Лидија Капушевска–Дракулевска.

Д-р Звонко Танески вели дека за Славица Гаџова е многу важно индивидуалното, интимното доживување на спознанието, пронижано од номадски експедиции, а токму такви експедиции даваат дополнителна сила, камчињата во компонирањето на мозаикот, уше една оптика во издвојувањето на предизвиците кои ни ги нуди животот и кои необично го освежуваат духот.

Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола) е македонска поетеса, преведувач, есеист, литературен теоретичар, доктор на филолошките науки. Ги има издадено стихозбирките „Бескрајност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), и „Тела“ (2016). Автор е и на научните монографии: Литература и дискурси на власта“ (2013), „Литература и политичко насилство“ (2018), како и на литературно-филозофските есеи „За смислата и апсурдот“ (2017).

Носителка е на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2012), „Ацо Караманов“ на „Карамановите поетски средби“ (2016), „Орфеева лира“ на престижниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019). Во 2022 година на добива наградата „Македонска литературна авангарда“ за книгата „Политики на стравот“ (2021). Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски, и албански.

Треба да знаете
Moже да ве интересира