Најмалку шест имиња се ставени на масата околу која владејачките партии ја договараат реконструкцијата на Владата. Според информациите до кои дојде Рацин.мк, под најголем притисок се министрите Зоран Љутков, Игор Филков, Цветан Трипуновски, Борко Ристовски и Фатмир Лимани, како и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ.
Конечната одлука сè уште не е донесена. Но, разговорите веќе не се водат само за тоа која партија кој ресор ќе го добие, туку и за тоа кои министри станаа политички товар поради конфликтите што ги отворија, неисполнетите ветувања, незадоволството во секторите со кои раководат или контроверзиите што ја следеа нивната работа.
Најсериозна е можноста ЗНАМ да го напушти Министерството за правда и да го преземе земјоделството. Со таква рокада од Владата би заминале и Игор Филков и Цветан Трипуновски. Паралелно се разговара за промени во културата, спортот, социјалната политика и Министерството за односи меѓу заедниците.
Тоа ја претвора најавената реконструкција во првиот сериозен тест за премиерот Христијан Мицкоски. Дали министрите навистина ќе бидат оценувани според резултатите или фотелјите повторно ќе се делат според партиската математика?
Љутков – повеќе пари за културата, но и култура на постојан конфликт
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков влезе во Владата со ветување дека културните работници ќе добијат подобар статус, а културното наследство и туризмот поефикасна институционална заштита. Неполни две години подоцна, токму вработените во културата станаа неговите најгласни критичари.
Синдикатот на културата јавно обвини дека Министерството се обидува да го потисне или заобиколи колективниот договор и организираше протести на кои културните работници побараа заштита на своите плати и права. Незадоволството кулминираше и со кривична пријава поднесена од синдикатот против Љутков, со обвинувања за злоупотреба на службената положба и повреда на работничките права.
Поднесената пријава не значи дека министерот е виновен, ниту дека наводите се потврдени од суд. Но политичкиот проблем останува – ресорот што треба да ја негува културата се претвори во сцена на протести, меѓусебни обвинувања и недоверба.
Љутков отвори фронт и со дел од научната и јазичната јавност. Претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска поднесе оставка и ја обвини Владата дека не обезбедила соодветна поддршка за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик. Љутков возврати дека станувало збор за лична промоција, но јавната кавга остави впечаток дека државните институции не успеваат да изградат ни основен консензус околу заштитата на македонскиот јазик.
Контроверзии предизвика и укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и префрлањето на нејзините надлежности во Министерството. Владата го претстави потегот како рационализација, но туристичкиот сектор побара одговор кој специјализиран тим ќе ја промовира Македонија, како ќе се трошат средствата и кој ќе ја преземе одговорноста за слабата туристичка видливост.
Дополнителен товар е Охридскиот Регион, кој продолжува да живее под заканата да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Иако проблемите се наталожувани со децении и не можат да му се припишат само на еден министер, Љутков не успеа да ја убеди јавноста дека Владата има јасен и бескомпромисен план против дивоградбите, урбанистичкиот хаос и уништувањето на природното и културното наследство.
Министерот може да се повика на зголемениот буџет за култура и на повеќе средства за проекти. Но поголем буџет не е доволен кога корисниците на тој буџет протестираат пред институцијата што треба да ги заштитува.
Филков – закони има, доверба во правдата сè уште нема
Игор Филков беше едно од главните кадровски решенија на ЗНАМ. Од него се очекуваше да го рестартира Министерството за правда, да ја забрза реформата на Судскиот совет и да покаже дека новиот владин партнер може да понуди поинаков модел на управување.
Но критиките за неговата работа не дојдоа само од опозицијата. Уште во 2025 година пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски јавно ја оцени работата на Филков како слаба. Кога министер од помал коалициски партнер добива таква оценка од висок функционер на најголемата владејачка партија, тоа е сигнал дека неговата позиција веќе не зависи само од резултатите, туку и од трпението на коалицијата.
Филков се најде и во спор околу полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Стотици кандидати побараа да им биде овозможено полагање на албански, а дел од албанските политички партии го обвинија министерот дека рестриктивно го толкува законот. Филков тврдеше дека постапува согласно важечките прописи, но случајот прерасна во коалициска расправија и уште еднаш покажа дека чувствителните јазични прашања се решаваат дури откако ќе произведат политичка криза.
Опозицијата го критикуваше и поради недоволната транспарентност околу постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски. Министерството тврдеше дека постапката се води согласно правилата и меѓународната комуникација, но долгите периоди без јасно објаснување создадоа сомнеж дека институцијата избегнува политички непријатна тема.
Филков побара мислења од Венецијанската комисија и подготвуваше измени во законите за Судскиот совет и обвинителството. Тоа е дел од реформската работа што не смее да се игнорира. Но најголемиот проблем не е бројот на подготвени закони, туку фактот дека граѓаните и натаму не гледаат суштинска промена во судството.
Европската комисија повторно бараше поголема независност, интегритет и ефикасност на судството, како и посериозна борба против корупцијата. Филков не ја создаде правосудната криза, но не успеа ниту да остави впечаток дека кризата е ставена под контрола.
Неговата евентуална смена би била и резултат на партиска размена. Доколку ЗНАМ го добие Министерството за земјоделство, Филков би можел да биде жртвуван не само поради перформансот, туку затоа што неговата партија избрала друг, политички поисплатлив ресор.
Трипуновски – ИПАРД-скандалот фрли сенка врз целиот ресор
Цветан Трипуновски долго време го гради својот политички профил како заштитник на земјоделците. Како министер, меѓутоа, се соочи со токму она што најмногу го погодува земјоделскиот сектор – неизвесност околу субвенциите, незадоволни производители и сомнежи за корупција во институциите што ги распределуваат парите.
Најголемиот удар беше аферата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. По истрагата за наводно земање поткуп, исплатите од ИПАРД-програмата беа привремено запрени. Директорот на Агенцијата и други лица беа опфатени со постапка, а земјоделците и инвеститорите повторно се најдоа во ситуација да стравуваат дали европските средства ќе бидат изгубени.
Трипуновски не беше обвинет во случајот и тврдеше дека државата навреме реагирала, дека биле засегнати ограничен број договори и дека европските партнери ја поздравиле истрагата. Средствата подоцна повторно станаа достапни. Сепак, политичката одговорност не завршува со прашањето дали министерот лично е осомничен. Таа го опфаќа и надзорот над институциите во ресорот и довербата дека парите се распределуваат законски.
СДСМ поднесе интерпелација за Трипуновски, обвинувајќи го дека ја укинал авансната исплата на субвенциите и дека ја намалил или отстранил поддршката за повеќе земјоделски гранки и мали производители. Министерот ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани, но незадоволството се слушаше и директно од земјоделците.
На терен се појавуваа реакции поради задоцнети субвенции за сточарството, неисплатена помош и начинот на распределба на земјоделското земјиште. За земјоделецот не е најважна собраниската расправа, туку дали парите ќе стигнат пред сеидбата, жетвата или откупот.
Трипуновски може да стане најјасната жртва на коалициската математика. ЗНАМ е заинтересиран за земјоделството, што значи дека неговата смена може да биде образложена како реконструкција, а во суштина да претставува размена на ресори. Но ИПАРД-аферата и незадоволството кај дел од земјоделците ѝ даваат на Владата и политичко оправдување за таквиот потег.
Борко Ристовски – голем буџет, уште поголеми конфликти
Борко Ристовски дојде на чело на новоформираното Министерство за спорт со капиталот што го носи неговата голманска и репрезентативна кариера. Но спортскиот авторитет од теренот не се претвори автоматски во институционален авторитет.
Во јавноста подолго време се пласираат информации дека премиерот е незадоволен од конфликтите што Ристовски ги отвори со повеќе спортски федерации. Наместо Министерството да биде координатор и сервис на спортот, дел од федерациите и клубовите го доживуваат како нов центар што одлучува кој ќе добие пари, а кој ќе остане надвор од системот.
Најголемиот организациски удар беше Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје. Спортисти и делегации се жалеа на условите, организацијата и сместувањето, а во јавноста остана впечаток дека државата прифатила настан за кој не била целосно подготвена.
Ристовски призна дека имало недостатоци, но тврдеше дека Министерството било вклучено само логистички и дека претходно предлагал настанот да се откаже или да се намали затоа што Македонија немала капацитет. Со тоа се обиде да ја ограничи својата одговорност, но истовремено отвори уште поголемо прашање – зошто централната власт дозволила организацијата да продолжи доколку нејзиниот министер сметал дека земјата не е подготвена?
Неговата позиција беше дополнително нарушена по објавата дека во анкетниот лист не ја навел фирмата на својата сопруга. Ристовски тврдеше дека станувало збор за ненамерна техничка грешка. И тоа може да биде точно, но од министер што управува со стотици милиони денари јавни средства се очекува беспрекорна транспарентност, а не дополнителни објаснувања откако пропустот ќе биде откриен.
Опозицијата го обвинуваше и дека директната поддршка за клубовите и федерациите е намалена и дека распределбата на средствата не е доволно транспарентна. Министерството возврати дека спортскиот буџет е значително зголемен и дека за првпат се воведува системска поддршка.
Токму тука се наоѓа главната противречност на мандатот на Ристовски – никогаш немало толку голем институционален и финансиски фокус врз спортот, а ретко кога имало толку многу незадоволство и отворени конфликти во спортската јавност.
Лимани – министер без цврста партиска адреса
Кај Фатмир Лимани причините за можна смена се повеќе политички отколку персонални. Тој стана министер како дел од албанскиот владин блок, но во меѓувреме ја загуби поддршката од ВЛЕН. Функционери од коалицијата јавно оценија дека Лимани се самоисклучил и дека треба да биде опфатен со реконструкцијата.
Тоа значи дека министерот за социјална политика, демографија и млади може да замине и без формална оценка за неговата работа. Во систем во кој ресорите им припаѓаат на партии, губењето на партиската поддршка често е посилна причина за смена од состојбата на терен.
Но и во неговиот ресор има доволно причини за незадоволство.
Лимани најавуваше изградба и отворање 25 нови градинки, по што мораше да појаснува дека не сите ќе бидат завршени во една година. Во меѓувреме, илјадници деца остануваат на листите за чекање, а анализите покажуваат дека на земјата ѝ недостигаат десетици илјади места за да обезбеди поширок пристап до предучилишно образование.
Организациите што ги застапуваат лицата со попреченост организираа и протест пред Министерството, барајќи достоинствен и еднаков третман и промена на институционалните практики. Во социјалната политика токму односот кон најранливите категории е најважниот тест за успешноста на министерот.
Ниту демографската и младинската политика не донесе видлив пресврт. Истражувањата и натаму покажуваат дека мнозинството млади размислуваат да ја напуштат Македонија. Лимани и самиот ги цитираше алармантните бројки, но препознавањето на проблемот не е исто што и неговото решавање.
Владата ги зголеми пензиите и најави повеќе градинки и социјални услуги, што Лимани може да го запише како резултат. Но неговото политичко преживување сега помалку зависи од пензионерите, родителите или младите, а повеќе од тоа дали ќе најде ново место во распределбата на моќта меѓу албанските партии.
Стоиљковиќ – министер за односи меѓу заедниците со пораки што создаваат поделби
Најчувствителна е позицијата на Иван Стоиљковиќ, вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Според информациите што се разгледуваат во коалицијата, тој би можел да ја загуби министерската функција, но да остане во Владата како вицепремиер.
Стоиљковиќ е еден од функционерите со најизразен сопствен политички идентитет, но токму тој идентитет често е во судир со функцијата што ја извршува.
Неговата средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, предизвика остри реакции кај албанските и бошњачките партии. Во времето на посетата Додик беше под американски санкции, а неговиот говор во Скопје беше оценет како несоодветен и провокативен. Стоиљковиќ подоцна и самиот призна дека дел од говорот бил непримерен за одбележувањето.
Уште посериозни се реакциите поврзани со неговите изјави за Сребреница. Бошњачки организации поднесоа кривична пријава, а повисокото обвинителство подоцна ја поништи претходната одлука за отфрлање и побара предметот повторно да биде разгледан. Тоа не значи дека Стоиљковиќ е виновен, но за министер задолжен за односи меѓу заедниците и самото постоење таква постапка претставува тежок политички и морален товар.
Неговите долгогодишни врски со Единствена Русија, блискоста со политиките на Владимир Путин и контактите со режимите во Москва и Минск дополнително ја проблематизираат неговата позиција во влада на земја членка на НАТО и кандидат за Европската Унија. Таквите контакти сами по себе не се незаконски, но отвораат прашање дали неговата политичка ориентација е усогласена со официјалната стратешка ориентација на државата.
Во Собранието беа отворени и прашања за состојбата во Министерството, кадровските промени и односот кон вработените. Стоиљковиќ ги отфрлаше критиките и тврдеше дека секој што зема плата мора да ги извршува работните обврски.
Министерството во неговиот мандат реализираше активности за употреба на јазиците, учебници и вклучување на помалите заедници. Но за функција што треба да гради мостови не е доволно да се спроведуваат проекти. Потребно е и самиот министер да не произведува нови поделби со своите пораки и политички сојузништва.
Реконструкција или прераспределба на фотелјите?
Најавената реконструкција може да биде прва вистинска корекција на владината политика. Но може да заврши и како обична прераспределба на министерствата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и албанските партнери.
Кај Љутков постои отворен конфликт со културните работници. Кај Филков има бавен реформски ефект и слаба доверба во правосудството. Кај Трипуновски останува сенката на ИПАРД-аферата и незадоволството на дел од земјоделците. Кај Ристовски има судири со федерациите и организациски пропусти. Кај Лимани има изгубена партиска поддршка и нерешени социјални проблеми. Кај Стоиљковиќ има контроверзии што се во директна спротивност со обединувачката природа на неговиот ресор.
Секој од нив има и аргументи во своја одбрана. Има зголемени буџети, нови закони, реактивирани европски средства, повисоки пензии и започнати проекти. Но Владата не се оценува само според тоа колку пари ставила на хартија, туку според тоа дали граѓаните почувствувале промена.
Доколку министрите бидат заменети поради резултатите, реконструкцијата може да испрати порака дека функцијата не е трајна привилегија. Доколку едни бидат сменети само за други партии да добијат поатрактивни ресори, тогаш ќе стане јасно дека на тацна не се министрите.
На тацна повторно ќе бидат институциите.
