Пожарот на Халкидики се смирува, 481 лице евакуирано по море

Големиот пожар на Касандра, Халкидики, утрово е без активно огнено жариште, но пожарникарите остануваат на терен поради бројни помали огнови и опасност од повторно разгорување. Огнот што вчера избувна кај Сивири зафати шума, куќи и возила и предизвика голема евакуација во екот на туристичката сезона.

Според последните информации од грчката противпожарна служба, на терен се 227 пожарникари со 57 возила и 13 пешадиски тимови. Утрово во гаснењето се вклучени и шест авиони и еден хеликоптер. Главната задача на екипите е целосно да ги изгаснат расфрланите жаришта и да спречат ново ширење на огнот.

Најдраматична беше евакуацијата од плажата во Сивири. Грчката крајбрежна стража потврди дека по морски пат биле извлечени вкупно 481 лице. Во операцијата учествувале патролни и противпожарни бродови, рибарски и приватни пловила, како и патнички брод.

Дел од евакуираните биле пренесени кон Сани, а други кон Солун. Вчера беа испратени повеќе предупредувања преку бројот 112 со наредби жителите и туристите да ги напуштат Сивири и Фурка. Евакуиран бил и хотел во Фурка во кој престојувале деца од Украина.

Првичната проценка на грчката противпожарна служба е дека изгореле до 3.500 стреми, односно околу 350 хектари. Штета има на куќи во населбата Наутилос, а оштетувања се регистрирани и на локалната пречистителна станица. Точниот обем на материјалната штета допрва треба да биде утврден.

Двајца пожарникари биле повредени во интервенцијата. Едниот се здобил со повреда на ногата, а другиот бил пренесен во болница поради проблеми со дишењето.

Пожарот вчера се ширеше многу брзо поради силниот ветер. Ројтерс објави дека огнот се движел од двете страни на главниот пат меѓу Сивири и Касандрија, додека туристи и жители со деца, миленици и најнеопходниот багаж се повлекувале кон морето. Во првите часови на интервенцијата биле ангажирани повеќе од 140 пожарникари, девет авиони и седум хеликоптери.

Иако состојбата утрово е значително подобра, патот кон Фурка останува затворен на одредени делови, а службите предупредуваат дека опасноста не е завршена. Во регионот и понатаму постои многу висок ризик од пожари, а силните ветрови можат повторно да активираат жаришта.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?