Борбени авиони на НАТО соборија беспилотно летало што рано утрово навлезе во воздушниот простор на Латвија. Инцидентот се случил во регионот Балви, на североистокот на земјата, а латвиските вооружени сили по интервенцијата соопштија дека воздушната закана е завршена.
Пред соборувањето бил прогласен портокалов степен на воздушна тревога во неколку области во источна Латвија, меѓу кои Аугшдаугава, Преили, Резекне, Балви и Алуксне. Жителите добиле предупредување преку мобилните телефони, а околу еден час подоцна тревогата била укината.
Латвиската армија засега не го објави потеклото ниту типот на дронот. Познато е дека леталото било соборено над општината Балви, во областа Ругаји, на релативно голема височина, поради што остатоците може да бидат расфрлани на поширок простор. Граѓаните се предупредени да не допираат сомнителни предмети и веднаш да се јават на бројот 112.
Речиси истовремено, Финска привремено го ограничи воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив. Финските одбранбени сили соопштија дека мерките се преземени како претпазливост поради можност од појава на беспилотни летала.
Во текот на ноќта и Русија соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 15 дронови над Ленинградската област, каде што се наоѓа и Санкт Петербург. Засега нема официјална потврда дека тие настани се директно поврзани со дронот што навлезе во Латвија.
Ова не е прв ваков инцидент годинава. На 8 јуни сојузнички борбени авиони првпат соборија странски дрон во латвискиот воздушен простор. Тогаш интервенираа француски борбени авиони на НАТО, а потеклото на леталото не беше утврдено.
Балтичките држави во изминатиот период дополнително ја засилија воздушната одбрана и обезбедувањето на критичната инфраструктура по серијата инциденти со беспилотни летала во близина на руската граница. Латвија веќе најави распоредување дополнителни радари и системи за пресретнување долж источната граница.
