СДСМ: Четири земји имаат патоказ кон ЕУ, Македонија ја нема

СДСМ

СДСМ обвини дека Македонија останува надвор од новиот процес на подготовка на патокази за земјите кандидатки за членство во Европската Унија, оценувајќи дека земјата за време на мандатот на Владата предводена од Христијан Мицкоски се оддалечува од европскиот пат.

„Европската комисија подготвува патокази за четири земји, Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Македонија ја нема, изоставена е. Остануваме заглавени“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија велат дека Македонија за две и пол години, според нив, од земја која била меѓу предводниците на европскиот пат станала „губитник“, а како причина ги наведуваат недостигот од реформи и, како што оценуваат, политика на изолација и неисполнети ветувања.

СДСМ тврди дека државата губи време, средства и можности за користење европски фондови, а последиците, според партијата, ги чувствуваат и младите кои ја напуштаат земјата.

„Реформи нема. Европа бара исполнети обврски, независно судство и борба против корупцијата. Фотографии по ходници не отвораат преговарачки поглавја. Партиски говори не заменуваат реформи“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ ја обвинуваат власта и за напади врз опозицијата и политички кампањи, за кои велат дека не можат да го заменат исполнувањето на обврските поврзани со европските интеграции.

Во соопштението СДСМ го поврзува застојот на европскиот пат и со, како што тврди партијата, зголеменото влијание на Русија и други регионални политички актери.

„Од Македонија заглавена надвор од ЕУ корист имаат силите што сакаат слаб и поделен регион, отворен за влијанието на Москва“, наведуваат од партијата.

СДСМ дополнително го обвинува Мицкоски дека е „руски прокси играч“, додека за политичките структури кои ги опишува како негови „сателити“ тврди дека имаат иста политичка задача.

Во тој контекст, СДСМ ја споменува и Левица, за која вели дека има анти-НАТО и антиамерикански позиции, како и политичките структури кои ги нарекува „ЗНАМ 2.0“.

Од опозициската партија оценуваат дека различни политички групи, според нив, придонесуваат Македонија да остане во место наместо да напредува кон ЕУ.

„Македонија не е ничија тампон-зона. Не е резерва за туѓи агенди. Македонија е татковина на граѓаните што заслужуваат европска иднина“, порачаа од СДСМ.

Од партијата заклучуваат дека секој што ги кочи реформите го кочи и европскиот пат на државата и бараат одговорност од оние кои, според нив, ја држат Македонија заглавена.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?