Тендерот за 150 автобуси вреден 60 милиони евра носи помалку седишта за патниците

ЈСП
Фото: ЈСП Скопје

Новата набавка на 150 електрични автобуси вредна 60 милиони евра ќе им донесе на граѓаните возила со значително помал капацитет од постојните, откако државата избра поскапа понуда по две претходно поништени постапки, открива Центарот за граѓански комуникации во своето најново истражување за јавните набавки објавено денес.

Според анализата, новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што претставува намалување за дури 20 места во споредба со последно купените возила за градскиот превоз, односно 30 места помалку во однос на автобусите донирани од Европската Унија. Ваквиот исход директно влијае врз секојдневниот комфор на патниците и капацитетот на јавниот превоз, иако за набавката на возилата се одвоени 57 милиони евра од државниот буџет, додека дополнителни 3 милиони евра се наменети за станиците за полнење.

Постапката за набавка на еколошките автобуси траеше 15 месеци и беше повторена трипати, што според мониторингот создало ризик од меѓусебна координација меѓу фирмите. Унгарскиот производител „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, кои во вториот обид за набавка настапуваа како директни ривали, во третиот повик доставија заедничка понуда со која го добија милионскиот договор. Избраната понуда не беше финансиски најповолна, бидејќи надлежната комисија претходно елиминираше две поевтини понуди од други понудувачи. Како подизведувач во зделката се јавува домашната компанија ЕВН Македонија задолжена за полначите од германско-кинеско производство, додека Министерството за транспорт одбило да ги достави анализите врз основа на кои се менувале условите во документацијата.

Паралелно со набавката на автобуси, истражувањето документира фрапантно заобиколување на законските ограничувања при реконструкцијата на спортската сала „Џексон“ во Штип. За објектот првично беше потпишан договор од 1,1 милион евра, со законски утврден лимит од 20 отсто за непредвидени трошоци, што изнесуваше околу 220 илјади евра. Наместо да се држи до законската рамка, Општина Штип распиша сосема нов тендер насловен за дополнителни работи, склучувајќи нов договор од 1,25 милиони евра со истата фирма што веќе градеше, со што вредноста на дополнителните зафати ја надмина цената на основниот проект.

„Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение создава зголемен ризик од фаворизирање и ги доведува во прашање начелата на конкуренција и транспарентност“, наведуваат истражувачите од Центарот за граѓански комуникации.

Најдрастичен пример за неефикасно трошење на парите на граѓаните претставува фудбалското игралиште во селото Чегране, кое требаше да биде завршено уште во декември 2023 година. Иако поранешната Агенција за млади и спорт исплатила околу 70 илјади евра, односно 63 отсто од договорената сума од 112 илјади евра, теренската проверка покажа дека на локацијата нема систем за наводнување, трибини ниту поставена трева. Договорот е одамна истечен, градежните активности се целосно прекинати повеќе од една година, а новото Министерство за спорт не покренало постапка за наплата на пенали или активирање заштитни механизми за заштита на јавните финансии.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?