Албанскиот премиер Еди Рама денеска претстави пакет измени на Законот за кривична постапка со кои се предлага значително ограничување на употребата на притворот и зајакнување на презумпцијата на невиност. Предлогот предвидува интервенции во 105 членови од законот, а една од клучните промени е притворот да се користи како последна, а не како прва мерка.
Рама изјави дека десет години по почетокот на реформата во правосудството, следниот чекор треба да биде воспоставување поголема рамнотежа меѓу моќта на правосудните институции и правата на граѓаните.
„Сакаме да ѝ дадеме поголема рамнотежа на вагата на правдата“, рече Рама, нагласувајќи дека целта е судската власт да не биде над правдата, туку еднаквоста пред законот да остане нејзин основен принцип.
Како еден од главните аргументи за измените, албанскиот премиер ги посочи податоците за бројот на лица кои се наоѓаат во притвор пред да добијат правосилна пресуда. Според статистиката на Советот на Европа за 31 јануари 2025 година на која се повика Рама, околу 62 проценти од затворската популација во Албанија била во притвор, наспроти околу 26 проценти на европско ниво.
Тој посочи и дека просечното времетраење на притворот во редовната јурисдикција изнесува 253 дена, додека пред Специјалниот суд достигнува 616 дена. Според Рама, зад овие бројки стојат последици за обвинетите и нивните семејства, поради што притворот треба да се применува само кога другите мерки не се доволни.
Предложениот пакет доаѓа во чувствителен момент за албанското правосудство. Само пред две недели Рама ги оцени СПАК и Специјалниот суд за корупција и организиран криминал како двата најголеми успеси на реформата во правосудството, но истовремено јавно го критикуваше начинот на кој функционираат други делови од системот.
Во последните денови СПАК повторно е во центарот на јавноста по истрагите што опфатија високи функционери од безбедносниот систем, меѓу кои и поранешната директорка на албанската разузнавачка служба ШИШ, Влора Хисени. Рама тогаш порача дека ги поддржува независните истраги, но истовремено отвори прашање за примената на строгите мерки за обезбедување.
Со новиот пакет Владата сега предлага ова прашање да се регулира и законски. Според Рама, станува збор за прва сеопфатна интервенција насочена кон презумпцијата на невиност по донесувањето на Законот за кривична постапка во 1995 година и подоцнежните измени во рамките на реформата во правосудството.
Предлогот треба да помине низ албанскиот парламент, а неговата конечна содржина ќе зависи од законодавната постапка

