Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ќе побара итно разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор на Историскиот музеј во Крушево, откако снимањето на комерцијален музички спот во споменичкиот комплекс „Македониум“ предизвика масовен револт во јавноста. Просторот на споменикот што претставува симбол на Илинденското востание и вечно почивалиште на револуционерот Никола Карев деновиве послужи како сценографија за рап-видео запис, за што установата наводно наплатила симболичен надомест од околу 500 евра.
Иако премиерот упати директно извинување до граѓаните оценувајќи дека ваквиот чин претставува недозволив пропуст, владиниот потег доаѓа дури откако снимките станаа вирални и предизвикаа остри критики за девалвација на националната историја.
„Навистина, тоа што таму се случило претставува нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција, заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнемоштени и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните за направениот пропуст и ќе се трудиме во иднина ова да не се повтори“, порача премиерот Мицкоски.
Случајот со споменикот на Гумење разобличи долгогодишна пракса во која локалните раководства на јавните установи дискреционо одлучуваат за комерцијално издавање на историски локалитети, честопати без соодветна согласност од надлежните конзерваторски органи. Прашањето не е само кој ќе го понесе товарот за овој конкретен случај, туку дали Министерството за култура и туризам конечно ќе донесе прецизен правилник со кој строго ќе се забрани комерцијална експлоатација на меморијални комплекси.

