Граѓаните во текот на 2025 година пријавиле рекордни 612,9 милијарди денари оданочив доход, а врз таа основа е пресметан данок на личен доход од 39,8 милијарди денари.
Податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека и пријавените приходи и наплатениот данок се значително повисоки во однос на претходната година.
УЈП информира дека се генерирани вкупно 863.100 годишни даночни пријави. Од нив, 704.443 се достапни преку системот „е-Даночни услуги“, додека останатите се однесуваат на граѓани кои сè уште немаат активирано кориснички профил.
Затоа од Управата повторно апелираат даночните обврзници да се регистрираат и да извршат увид во своите пријави.
Во споредба со претходната година, вкупниот пријавен доход е зголемен за 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок на личен доход е повисок за 4,86 милијарди денари.
Овие показатели упатуваат на раст на пријавените приходи и на даночната основа кај физичките лица.
Според статистиката на УЈП, 208.857 граѓани имаат обврска за доплата на данок, 313.519 имаат право на поврат на повеќе уплатениот данок, додека кај 182.067 даночни пријави нема разлика меѓу пресметаниот и веќе платениот данок. Само 617 даночни обврзници досега поднеле барање за враќање на повеќе платениот данок, во вкупен износ од 32,4 милиони денари.
Годишната даночна пријава претставува конечна пресметка на данокот на личен доход, при што се усогласуваат податоците за приходите остварени во текот на годината и веќе платените аконтации. Доколку граѓаните утврдат неточности во пријавата, тие имаат можност да побараат корекција во законски предвидениот рок.
