СДСМ побара кривична одговорност за министерот за здравство Сашо Клековски и за раководителите на надлежните центри за јавно здравје поради задоцнетата реакција на загадувањето на водата и масовната појава на стомачни симптоми во Гостивар.
Од партијата тврдат дека до неделата медицинска помош побарале 4.070 граѓани, а само во текот на тој ден биле регистрирани уште 125 прегледи и едно хоспитализирано дете. Според изјавата на Маја Борозан од СДСМ, првите пациенти со исти симптоми се појавиле на 14 јули, додека епидемијата била прогласена пет дена подоцна.
СДСМ се повикува и на изјавата на Клековски дека „црвените светла“ во системот се вклучиле со задоцнување. Партијата оценува дека тоа претставува потврда за институционален пропуст и бара да се утврди дали надлежните навреме ги разменувале информациите и ги предупредиле граѓаните.
Клековски ја презеде функцијата министер за здравство на 14 јули, истиот ден кога, според наводите на СДСМ, биле забележани првите поголеми групи пациенти со симптоми.
Институтот за јавно здравје објави дека Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули забранила употреба на водата од гостиварскиот водовод поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна. На жителите им беше препорачано да користат флаширана вода за пиење, подготовка на храна и лична хигиена до официјално укинување на забраната.
Обвинителството веќе води истрага против три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Тие се осомничени дека со поставување пумпи пренеле загадена вода од отворен канал во системот за водоснабдување. Во примероците биле утврдени високи концентрации на колиформни бактерии, соопшти Обвинителството. Засега таа истрага се однесува на претставници на јавното претпријатие, а не на министерот Клековски.
