СДСМ: Нема „нула денари“ за прославата, Државна лотарија е државна компанија

СДСМ

СДСМ реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека за настапот на Дејвид Гета и останатите настани по повод 35-годишнината од независноста од државниот буџет не бил потрошен ниту еден денар.

Од опозициската партија прашуваат како може прославата да се смета за „бесплатна“ ако во нејзината организација била вклучена Државната лотарија, компанија во државна сопственост.

„Тоа што го платила Државна Лотарија, која е во сопственост на државата – тоа не важи?“, прашуваат од СДСМ.

Според опозицијата, средствата со кои располага Државната лотарија се средства на државна компанија, а со тоа и јавни средства. Од СДСМ сметаат дека доколку трошоците за концертите и прославите се покриени преку државна компанија, тоа не значи дека граѓаните не платиле за нив.

„Кога државна компанија плаќа од дивидендата за концерти и прослави на Владата – тоа се пари на граѓаните“, наведуваат од СДСМ.

Опозициската партија оценува дека станува збор за префрлање на трошокот од еден државен извор во друг, а не за прослава без трошоци.

СДСМ ја критикува Владата и поради тоа што, како што наведува, во услови на задолжување и ограничени буџетски средства се издвојуваат средства за големи јавни спектакли.

„Нема ‘нула денари’. Има префрлање на трошокот од еден џеб на државата во друг“, се наведува во реакцијата.

Од партијата побараа дополнителна транспарентност околу начинот на кој е финансирана прославата и настапите на светските музички имиња.

Реакцијата на СДСМ доаѓа откако премиерот Мицкоски изјави дека прославата за 35 години независност, вклучително и настапот на Дејвид Гета, за Буџетот и граѓаните чинела „нула денари“ и дека била реализирана со поддршка од општествено одговорни компании.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?