Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Се реевидентираат црквите и иконите во Крушево

Стручњаците од прилепскиот Завод и музеј денеска ја заокружуваат реевиденцијата на иконите и црквите во Крушево и Крушевскиот регион. Ова е почеток на вториот циклус на евидентирање на движното и недвижно црковно наследство во Прилепско – Крушевскиот регион во кој се и Мариовскиот дел и општините Долнени и Кривогаштани.

-Реевиденцијата не е само евидентирање на движното наследство. Не се мисли само на иконите, туку и на црковните предмети и на фрескосликарството. Тоа е еден дел од иконопиството кое го имаме. Зографите кои ги работат иконите, го работат и фрескосликарството, вели Мимоза Христоска, виш кустос во прилепскиот Завод и музеј.

Во Крушево и Регионот се 23 цркви, а бројот на икони достигнува над 500. Претежно се работеше (зависеше од средствата) на црквите и наследството во Крушево, особено е богата црвата „Успение на Пресвета Богородица“. Повеќето се од 19-тиот век каде работеле, претежно, крушевските зографи.

-Богатството е невидено, репрезентативно. Посебно е застапена втората половина на 19 век, особено периодот на просветителството, пред сѐ, Преродбата. Од тој период е е интересно што зографите кои работат, одат да учат и се се школуваат за да може да го пренесат своето знаење во Македонија. Впечатлив е начинот на употребата на боите. Затоа 19 век е многу карактеристичен со употребата на сценското сликарство, посебно на Страшниот суд. Отсликан е на цел ѕид при влезот во црквите. Многу добро е зачувано фрескосликарството.  Еден од крушевските мајстори кој најчесто се среќаваат во натписите во црквите е Коста Атанасовиќ. Работел со неговата тајфа, а тоа се неговите тројца синови. Имале своја, семејна школа и сликале фрески и икони во Крушево и Регионот, објаснува Христоска.

Потребни се поголеми средства за реевиденцијата. Се алармира на состојбата со црквата „Свети Никола“ во крушевското село Белушино.

-Црквата потекнува од 17-тиот век. Селото е напуштено од христијанското население во 70-тите години од минатиот век. Имавме дојави за упади. Во црквата беше евидентирана само една икона, но сега не е таму, а имаше и  нелегално копање во внатрешноста.  Пожелно е да се заштити црквата, зашто фрескосликарството е од 17. век и е зачувано околу 80 проценти. Црквата е евидентирано културно наследство, ама не е добро заштитено, вели вишиот Кустос Мимоза Христоска од прилепскиот Завод и музеј која раководи со реевиденцијата  во Прилепско-крушевскиот регион.

Со реевиденцијата во Крушевско, почна вториот циклус на Музејот. Првиот започна 2016 година и реевиденцијата се прави на пет години.

Во Прилепско-крушевскиот регион се околу 7000 икони и околу 200 цркви и манастири. По Охридскиот е втор во Македонија по црковното движно и недвижно наследство.

Последните 10-тина години кражбите се намалени. Се случуваат упади во црквите, но претежно, се земаат парични средства. (МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира