Што предвидува новиот предлог Закон за оружје?

Предлог Закон за оружје вчера влезе во фокусот на собраниската расправа откако Владата достави целосно ново законско решение со кое треба да се замени законот што се применува од 2005 година, а новите правила предвидуваат ограничување на бројот на парчиња оружје, нова категоризација, контрола на Airsoft и Paintball направите, построги услови за дозволи и усогласување со европските стандарди.

Новиот закон не е само уште една измена на постојниот текст. Во образложението на предлогот се наведува дека актуелниот закон низ годините бил повеќепати менуван, а сега се предлага целосно нова рамка за набавување, поседување, носење, чување, производство, промет, превоз, деактивирање и пренесување оружје, делови за оружје и муниција.

Една од највидливите новини е ограничувањето на бројот на оружје што може да го поседува едно физичко лице. Според предлог-законот, физичко лице ќе може да поседува најмногу десет парчиња оружје со дозвола. Исклучок се активните спортски стрелци-натпреварувачи, кои ќе можат да поседуваат повеќе од десет парчиња ако ги исполнуваат условите пропишани со законот.

Оваа одредба значи дека граѓаните кои веќе поседуваат повеќе оружје од дозволениот број ќе мора да се усогласат со новите правила. Во преодните одредби е предвиден рок од една година од почетокот на примената на законот, во кој тие ќе треба оружјето да го отуѓат, да го предадат на Министерството за внатрешни работи, трајно да го онеспособат или да побараат колекционерска дозвола.

Предлог-законот носи и нова категоризација на оружјето. Во категорија А се става оружјето чие набавување е забрането, меѓу кое автоматско огнено оружје, оружје маскирано како друг предмет, одредени видови муниција, гасно оружје, електрични парализатори, преправено оружје и дел од полуавтоматското оружје со магацини со поголем капацитет.

Особено внимание привлекува делот за полуавтоматското оружје. Во забранета категорија влегува полуавтоматско огнено оружје со централно палење што овозможува испалување повеќе куршуми без повторно полнење, ако е поврзано со магацини со поголем капацитет. Со ова се стеснува просторот за цивилно поседување на оружје што по карактеристики се приближува кон оружје со поголем ризик за злоупотреба.

Во категорија Б останува оружјето што може да се набави само со одобрение од Министерството за внатрешни работи. Тука спаѓаат пиштоли, револвери, ловечко и спортско оружје, одредени видови полуавтоматско и репетирачко оружје, пневматско оружје над одредена енергија или брзина, како и други видови оружје што се под посебна контрола.

Airsoft и Paintball направите првпат добиваат појасно место во законската рамка. Тие се ставаат во категорија Ц, заедно со деактивираното оружје, дел од пневматското оружје, ладното оружје и лансерите на пепер спреј. Тоа значи дека нема да бидат третирани како класично огнено оружје, но ќе треба да се пријават и за нив да се издаде потврда.

Предлогот воведува и ограничувања кај муницијата. Физичко лице ќе може да набавува и поседува најмногу до 500 куршуми во една календарска година за оружје со жлебени цевки, вкупно за сите парчиња оружје што ги поседува. Поголема количина ќе може да се оправда ако лицето докаже активна потреба, како учество во лов или спортско стрелаштво.

Дозволите за оружје, според новиот текст, ќе важат пет години. Истото важи и за дозволите за поседување оружје кај правни лица, како и за дозволите за носење оружје кај работници што вршат приватно обезбедување. Тоа е промена во однос на досегашната пракса, а во образложението се наведува дека скратувањето на рокот е поврзано со усогласување со европската директива.

Законот ги заострува и условите за добивање одобрение за набавување оружје. Физичкото лице треба да биде полнолетно, здравствено способно, да не претставува опасност за јавниот ред и мир, да има оправдана причина за набавување оружје, да располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување и да има живеалиште во Македонија. За одредени видови оружје со жлебени цевки се предвидува повисока старосна граница од 25 години, освен за лица што се активни членови на стрелачки клуб подолго од две години.

Во текстот се внесуваат и поими поврзани со современото производство и можна злоупотреба на технологија. Се дефинираат полупроизведено огнено оружје, полупроизведени главни делови и технички нацрти за производство преку 3Д печатачи, CNC машини или слични уреди. Со тоа законодавецот се обидува да ја фати чекор со новите форми на нелегално производство и склопување оружје.

Новиот закон предвидува и европска дозвола за огнено оружје, како исправа што ја докажува сопственоста и правото на користење оружје. Ова решение е дел од усогласувањето со европската регулатива и треба да овозможи појасно следење на правниот статус на оружјето, особено во контекст на движење преку граници.

Во Собранието за предлог-законот се одржа јавна расправа во Комисијата за одбрана и безбедност. Претставници на институции, комори и засегнати организации изнесоа мислења, предлози и забелешки, меѓу кои и укажувања дека новите правила ќе создадат дополнителни трошоци за дел од правните субјекти и дека треба попрецизно да се дефинира делот за спортското оружје.

Од Комората за приватно обезбедување, според објавените информации од расправата, имало забелешки за скратениот рок на дозволите, бидејќи претходно важеле подолго, а сега се предлагаат пет години. Дел од учесниците побарале поширока и поконкретна регулација за примената на спортското оружје, за да се избегнат нејаснотии во пракса.

Целта на предлог-законот, според образложението, е да се воспостави поефикасна контрола на цивилното оружје и да се усогласи македонската правна рамка со европското законодавство, особено со Директивата на ЕУ за контрола на набавувањето и поседувањето оружје. Но, јавната расправа покажа дека патот до конечниот текст ќе зависи и од тоа колку ќе бидат вградени забелешките на стрелците, ловците, приватното обезбедување, трговците и институциите што треба да го спроведуваат законот.

Најчитано