Што се случи со ветените 450 евра минимална плата?

Иако предизборно Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра, a потоа објаснувајќи дека нема пари во буџетот образложи дека можеби следната година ќе ја достигне оваа сум, сепак зголемувањето нема да се случи ниту следната година во март кога ќе има само порамнување, поточно од 22.500 ќе порасне на сум од 24.400 денари, со што ќе се зголеми за речиси 2.000 денари.

Овој раст се пресметува врз основа на Законот за минимална плата, кој предвидува усогласување на минималната плата секоја година во март, според податоците од Државниот завод за статистика. Пресметката е заснована на просечниот пораст на нето-платата за претходната година и индексот на трошоците за живот – секој од нив со удел од 50%.

Иако законскиот раст ја следи инфлацијата и економските показатели, барањата за повисока минимална плата се сè погласни. Сојузот на синдикати на Македонија притиска минималната плата да достигне 450 евра, односно 27.700 денари, што е околу 3.000 денари повеќе од законски предвиденото зголемување. Синдикатите тврдат дека ова би им помогнало на работниците подобро да ги надоместат трошоците за живот, кои значително пораснаа.

Покрај синдикатите, и опозициската партија СДСМ го поддржува ова барање, предавајќи предлог-закон во Собранието со кој исто така се бара минималната плата да се зголеми на 450 евра.

Инаку Седницата на Економско социјалниот совет денеска нема да се одржи иако министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска пред неколку дена најави дека на следната седница на ЕСС која ќе биде во понеделник ќе се разговара за висината на минималната плата која треба да важи од пролет, тоа нема да се случи.

„Во понеделник ќе има Економско – социјален совет, односно на маса ќе седне Владата, Синдикатот и Организацијата на работодавачи да преговараат за минималната плата. Ако има само редовно усогласување на минималната плата, согласно сегашната законска регулатива, таа според сегашните проценки, ќе биде околу 24.400 денари“, информираше Димитриеска Кочоска.

Синдикалците сепак се зачудени, не добиле покана а сметаат и дека е несериозно да се најавува седница на ЕСС без нови предлози, сепак тие остануваат на барањето за минимална плата од 450 евра.

Најчитано