Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со зголемување на енергетска ефикасност Струмица го намалува аерозагадувањето

Се подобрува енергетската ефикасност во Основното училишта „Сандо Масев“ во Струмица и подрачните училишта во Раборци и Костурино, во кои се заменуваат старите прозорци и врати со нови. Замената се врши со грант во износ од 950 илјади денари добиен по јавен повик од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година, енергетска ефикасност, аплициран преку Одделението за заштита на животната средина на Општина Струмица.

По оваа вест, објавена на МИА во декемри 2020 година, побаравме одговори до каде е зголемувањето на енергетската ефикасност во Општината и колку со неа може да се намали аерогадувањето, посебно во пикот на грејната сезона, кога Струмица е еден од најзагадените градови во државата.

Од Општината информираат дека се преземени голем број на активности, покрај гасифицирањето на Општината од 2012 година, кога сите институции под капата на Општината и дел државни го заменија начинот на затоплување и од струја, мазут или огревно дрво преминаа на гас.

-Имаме проектот од УНДП за справување со загадувањето кој вклучува и енергетски ефикасни објекти. Сумата што ќе ја оддели општината за проектите со УНДП е 10 милиони денари плус грант од нив 10.000.000 денари, значи вкупно 20 милиони денари. Овие средства се за проекти поврзани со енергетско ефикасни објекти и справување со загадување на воздухот за 2024 година. Покрај тоа, Општината од почетокот на енергетската криза дава субвенции за гас, а подготвени се и проекти за поставување на фотоволтаици на локации на ЈПКД „Комуналец“, вели Томислав Андреев раководител на Одделението за заштита на животната средина при Општина Струмица.

Додава дека е проширена дистрибутивната  гасоводната мрежа во Струмица, а се преземаат и други мерки како што се континуирани заменување на обичните светилки со нови штедливи лед светилки за улично осветлување, промена на дрвената столарија за поголема енергетска ефикасност на објектите на ЈПЕД „Струмица гас“ и во поранешниот Дом  на Армијата. Една од мерките кои Општината ги нуди на инвеститорите е и стимулацијата за градење објекти со зелени покриви и фасади со намалување на комуналните давачки за 8,5 отсто.

 -Поставени се 26 прочистувачи на воздух   во  две средни училишта и четири основни,   а со добиени средства од Владата променета е столаријата во шест основни училишта. Почнавме со мерење на квалитетот на воздухот во затворен простор и веќе вршиме мерења во ООУ „Никола Вапцаров“ и Клон 6 на градинката „Детска радост“ во Струмица. Вакво мерење се спроведува прв пат во Општината, но и во државата, за да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи. Примероците ќе се земаат во две фази-за време на студените месеци (ноември до март) и за време на топлите месеци (мај до септември). Паралелно со ова се врши мерење и анализа на квалитетот на воздухот на отворен простор за период од 12 месеци, објаснува Андреев.

Според него, уште во 2013 година Општината се приклучила во трендот за заштита на животната средина и искористување на обновливата енергија и ресурси со имплементирање на проектот „Ефикасно користење на соларната енергија за подобра иднина“ кој бил реализиран во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и нашата држава. Во рамки на овој проект комплетно беше заменета покривната конструкција на ОУ „Сандо Масев“ и беа поставени фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, со што училиштето стана енергетски ефикасен и независен објект.

-По завршувањето на изборите ќе се донесе нова Стратегија за енергетска ефикасност на Општината за периодот од 2025-2030 година, односно Програма од 2025 до 2028 година. Имаме одлука за тоа и во мај годинава очекуваме со овие два документи да продолжиме уште поуспешно во зголемувањето на енергетската ефикасност, посочува Андреев.

Од Општината велат дека овие мерки за зголемување на енергетската ефикасност се очекува да дадат резултат на подолг рок, а за решавање на проблемот со аерозагадувањето, посебно во зима, се преземаат и краткорочни мерки кои во комбинација со тие за енергетска ефикасност во Струмица треба да го намалат загадувањето на воздухот.

Ристо Тасев

Фото: МИА

Треба да знаете
Moже да ве интересира