Продолжен рокот за субвенции за гасификација на домаќинствата, аплицирањето до 31 октомври

фото: Мета.мк

Домаќинствата ќе имаат дополнително време да аплицираат за државна финансиска поддршка за гасификација, откако Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за поднесување барања до 31 октомври. Со измените на програмата, граѓаните и натаму ќе можат да побараат субвенции за приклучок на дистрибутивната мрежа на природен гас или за набавка на котел на гас. 

Според измените објавени во „Службен весник“, државата ќе покрива до 70 проценти од оправданите трошоци, но најмногу до 30.000 денари по домаќинство. Финансиската поддршка се однесува на изведба на куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас или за набавка на котел на гас. За реализација на мерката се обезбедени три милиони денари, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до нивното исцрпување. 

Право на аплицирање имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година реализирале приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние што набавиле котел на гас за објект кој бил приклучен на гасоводната мрежа заклучно со 1 јануари 2026 година. Секое домаќинство може да поднесе само едно барање, а по истекот на рокот пристигнатите апликации ќе ги разгледа комисија формирана од Министерството. 

Од Министерството за енергетика посочуваат дека продолжувањето на рокот има цел да им овозможи на повеќе граѓани да ја искористат мерката, која треба да поттикне поголема употреба на природниот гас како енергенс. Надлежните очекуваат зголемен интерес за субвенциите во наредните месеци, особено во пресрет на грејната сезона.

Најчитано