Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Томислав Османли: Наместо да труеме со порази, да се облагородиме со успесите на уметноста и со триумфите на културата

„Живеме во царството на примитивизмот, составен од ријалити-шоу програмите, во масовната багателизација на добриот вкус, во време во кое врие од лоши или катастрофички вести, во најлошиот дел од „американизацијата“ на медиумите според која „само лошата вест е добра вест“, при што вистинската култура и уметност немаат место во таквата политика“, вели во ова инспиративно интервју за порталот Трн.мк Томислав Османли.

Трн: Со вашите литературни дела сте присутни повеќе децении на книжевната, театарската и филмската сцена. Што е тоа што го одржува вашиот творечки дух? За некои писатели и уметници творештвото доаѓа од желбата да се создаваат алтернативни светови? Дали е тоа и во вашиот случај?

Томислав: Секако. Тоа важи за секој творец, па така и за мене. Тука, дури, е можна и една аксиолошка „равенка“: колку поуверлива е фикцијата на алтернативниот свет што еден автор го нуди, толку повредно е и неговото дело.
Не зборувам за обемот на прифатеност на едно дело, туку, обратно, за тоа колку е автентичен и колку во творбата уверливо е изразен мисловниот и естетскиот свет на самиот творец. Автентичните, фантастични светови што ги создале Аристофан, Данте, Гете, Замјатин, Булгаков, Умберто Еко, кај нас Чинго, Јаневски… Тоа се само дел од низата авторски поетики што се потврди на таквите авторски автентичности, на писателски личности со блескави имагинации, кои се
литературни парадигми за секој автор. Така, стремежот кон создавање што покомплетни алтернативни светови е општ, разликата е меѓутоа во силата на писателските  имагинации. За тоа најдобро судат, и читателот, и критиката.

Трн: Што ѝ нудите на публиката со вашите романи, драми, филмски сценарија?

Томислав: Тоа е тешко да се каже во само неколку зборови, зашто творбите ми се разновидни и според уметничките дисциплини во кои се создавани, и според жанровите, стиловите… И секако, според времето во кое се создавани. На пример, својот творечки пат, го почнав како теоретичар на филмот со објавата на книгата „Филмот и политичкото“ (со поднаслов кој едновремено е и теза на студијата „Кон интегралното политичко мислење на кинематографот“). Беше објавена 1982 година како наша прва филмолошка книга и дочекана со позитивни одгласи не само кај нас, но и пошироко… Како сценарист почнав со сценарио, се викаше „Луѓе без адреса“ и никогаш не беше реализирано, иако ѝ се сменија дури тројца тогаш млади режисери, а во 1972 беше добитничка на втората награда на анонимниот конкурс на ТВ Скопје спопред одлука на петчлено многу мериторно жири …

Како драмски автор, пак, почнав со една сатирична комедија, се викаше „Салон Бумс“ во битолскиот Народен театар во далечната 1987, добив награда за филмската критика за „Кожа“ на Лилијана Кавани, продолжив со книга за Деветтата уметност, стрипот, повторно теоретска објава, па уследија моите сценарија за телевизискиот филм „Ѕвездите на 42-та“ кое ја освои првата награда одново на анонимен конкурс, па „Скопски сновиденија“ кои без избрани за откуп, а подоцна и ТВ филмот „Стрмоглави“ што под насловот „Смок лета по небото“ ја доби третата награда на исти такви конкурси што своевремено го распишуваше активната и креативната Драмска редакција на Телевизија Скопје, под раководствата на Петре М. Андревски, Оливера Николова, Борко Зафировски… Сите се со различни теми и сценаристички наративи, како и сценариото за играниот филм „Ангели на отпад“ (1995)…

Пишував куси прози со носталгични созвучја, лирично интонирани театарски пиеси, потоа ракописот се смени со нови теми, пристапи и стилски својства и стана, како и времето што следеше, некако, ирониски и авто-ирониски. Од таа фаза се расказите што ги именував „Каприча“ (2008), но и сатирични и гротескни прози за една сосем отуѓена, токсична и понорна општествена реалност што го ништи алтруизмот и елементарната хуманост што најде израз во книгата „Парадоксикон“ (2020) која ми го донесе “Рациновото признание”. Таа линија се разви во извесен, уште пофокусиран критички пристап во поновите творби, особено во дистопискиот роман „Бродот. Конзархија“ (2016), во драмскиот текст „Враќање дома“, па во моите „Нови драми“ (2019), а според одгласите на наши книжевни авторитети како Акад. Ферид Мухиќ и писателите и критичари Глигор Стојковски и Сашо Огненовски… највпечатливо во најновата книга, романот „Заборав“. Тој фокусира една значајна тема, Алцхајмеровата болест како индивидуален, медицински, но што е уште позначајно, заборавот како социјален феномен кој го произведуваат и центрите на моќ, и оваа крајно поделена, отуѓена цивилизација на конфликтно разрешувани разлики… Романот се појави доцна, кон крајот на минатата година и немаше своја промоција во Македонија. Неа, меѓутоа, ќе ја доживее наскоро, на почетокот од септември, на 5. Денови на македонската култура во Шибеник, а по предлог на организаторите на оваа манифестација, господинот Сашо Георгиевски раководител на невладината организација Хрватско-македонска тангента…

Враќајќи се, заклучно, на Вашето прашање: пишувам сѐ уште разнородни и различни нешта, така ја избегнувам тематската и стилска монотонија, ги менувам и темите и пристапите, но познавачите, ми се чини, зад тоа препознаваат единствен авторски ракопис.

Трн: Во некои од вашите дела преовладува темата на судирот на генерации. Доволно долго пишувате, но имате и лично искуство за да сведочите за вкрстувањето на вредностите од неколку општествени епохи? Дали е тоа изворот и инспирацијата за вашето творештво? Има ли нешто што е заедничко во тој пресек на различни културни матрици?

Томислав: Да, тоа е вечна тема, на која, додуша, новите времиња секогаш ѝ додаваат нови и поинакви актуелности. Генерациите се во перманентен натпревар и судирите, тука – почнувајќи од античката драмска литература до онаа белетристичката, од „Антигона“, до „Татковци и деца“ и до новите романи и драми – се неизбежни. Тој судир се изразува како судир на навики, вредности, статуси, вкусови, естетики, идеологии…

Постојат идеи, созвучја, ликовни и наративни начини…па и  јазици, лошо преведени или деформирано пренесени изрази, дури зборови што се во мода, но и цели идеологии низ коишто новите генерации сакаат да се самоизразат… Речиси е закон на напредокот, младите да го бараат сојот вкупен нов израз, своите кодови ним разбирливи и блиски и да го освојуваат својот дел од општествениот простор, а етаблираните општествени единки, пак, да ги бранат стекнатите позиции или етичките, секако и естетските модели, што ним им се блиски… Тоа е вечна приказна, со тоа што во некои периоди и култури, тие судири се подискрентни, имено тогаш кога повеќе се почитуваат статусите на возраста; а некогаш се жестоки, буквално „иконокластични“ и, од другата страна – „иконолатриски“.

Независно од тој напрегнат контраст, кој е инаку неизбежен, јас верувам дека авторот треба да го произведува својот поглед на нештата, да го создава и изразува својот уметнички свет, слоевито да ги доловува феномените, да ги согледува нивните исклучоци и недоследности со кои самиот живот ѝ бега на секоја доктринарност и којшто, барем мене така ми се чини, се одвива како противречен, често и на апсурдни и парадоксални начини. Битно е при тоа да ја видиш не само Другоста, но во Другоста и нејзините контарикторности. Како кога, слој по слој, ја запознаваш субатомската структура и силите кои ги владејат нејзните сѐ подребни или недооткриени честички и нивните својства, па и ќуди; и едновремено, важно е да можеш да забележуваш и да ја вградуваш и големата слика, „тоталот“ на општествениот, уште подобро на цивилизацискиот процес. Тоа е доста тешко, но тоа е добриот начин.

Смената на времињата и својствата на генерациите во тој тек и во тој судир, не определувајќи се за страна во генерацискиот судир на вкусови и естетики. Ако тој негов креативен свет е свеж и валиден, ќе предизвика ефект и ќе создаде надградба во процесот. Во уметноста се работи токму за тоа, за надградување на поранешните естетики, за надминување на старите погледи и вредности, но никако за нивно апсолутно негирање или ништење што во жарот на меѓугенерациските судири дискусии, често и се случувало. Модерната од пред едно столетие е полна со такви поведенија. Имено, сѐ што е создадено на долгиот пат на уметноста: богатството од теми, проблематизации, пристапи, стилови, изрази, секој и сите „изми“… се достојни за почит. Може да не ги разбираш, да ти се туѓи и да не ти се допаѓаат, но да ги почитуваш е неопходно.

Поаѓам, се разбира, од своите уверувања, при што за аргумент го земам токму постмодернизмот, кој со автореферентноста, интеркултураноста, интермедијалноста, со новите форми на пишување и градење наративи – нешта кон кои и самиот стремам – ми се чини дека се и најдобрата, актуелна потврда на таа теза: секој на својот пат, во бескрајниот, многугенерациски простор на уметностите.

Трн: Некогаш писателите уживаа статус на влијателни личности во општеството. Што се случи во меѓувреме? Каде е местото на писателот денес?

Томислав: Се случи новата утилитарност која на врвот од пирамидата на вредности, за разлика од епохата што ѝ претходеше на оваа, ја постави меркантилноста, профитната логика и пазарните вредности, што од творците создава профитни субјекти и поданици, а од уметноста еден вид потрошувачко добро. Со омасовувањето на тие вредности, уметникот се сведува на наемник на масовната и профитна продукција.

Апсолутната власт на приватната сопственост и царството на профитот го сменија статусот на уметникот. Тој е сѐ понемоќен, зашто е сѐ позависен од сопственичката култура над медиумите што ја владеат новозодадени газди. Неолибералниот капитализам, а особено овој недоквакан модалитет што тука се тркала, е опасен противник на слободата на создавањето. Денес на цена се бизнисите и парите, порано тоа беше уметноста, образованието, воспитувањето, со еден збор произведувањето уметност и култура.

Порано уметникот уживал привилегии на општествено најпочитуван субјект, денес авторот кај нас не ретко води и неколкукратна егзистенцијална битка, подготвен да се бори и за своето дело и за, условно, националната уметност, да создава нови дела, за мизерна, сѐ почесто и без финансиска надокнада – зашто така го условува приватниот сопственик, издавач, продуцент, сопственик на медиум, којгоде… Авторот денес се бори само да го одржи својот и општиот креативен импулс.

Трн: Долго време водевте редакција за култура на една наша национална телевизија. Како гледате на односот кон културата во традиционалните медиуми, а и на новите (електронски) медиуми каков што е и Трн?

Вашиот медиум е еден од сѐ поретките кои го афирмираат уметничкото творештво и тоа е за поздравување. Погледајте го, меѓутоа, општиот стандард. Постојат толку медиуми кои не содржат културни рубрики, електронски портали во чии рубрицирања нема да ја најдете токму единицата Култура и Уметност, освен до колку не ги побарате во менито „Life”, “Живот“, „Забава“; додека рубриките „Сцена“, „Инфлуенсери“ и слично се прокламираат и се пласираат беспоштедно… А, културата – се избегнува. Зашто, таа е, божем, нешто здодевно и оптоварувачко за масовното читателство, нешто што не е популарно за проследување. Во оваа држава не се сфаќа дека културата и образованието се тешко оштетените општествени домени; затоа впрочем и имаме толку културно индолентни политичари и газди, колапс на образованоста и на доброто воспитување на секој чекор, од основните училишта, до парламентот. А, и училишната, а особено политичката култура почиваат на општата култура, која ете се потиснува како беззначајна. Тој однос на дистанцирање на културата, на нејзината маргинализација, и медиски укинувања  доведен до пароксизам и од аспект на оној познат Гебелсов исказ „Кога ќе го чујам зборот ‘култура’ се фаќам за пиштолот“. Сега се фаќаат за инфлуенсерството ако орудие на диктатурата на багателниот вкус.

 Културата и масовната култура и во нивните медиумски аспекти, стануваа жртва на новокомпонираната култура која препокрива сѐ. Србија, која има силен културен темел и супериорни уметници во сите домени – најнапред ја поткопа новокомпнираниот вкус, а пота ја докриминализира турбофолкот. Но не само таму, тие „вибрации“ се проширени низ општествата на целиот Балкан. Кај нас толчи таа естрада во општествениот живот, во смисла дека новата масовна култура е тубофолк ѕвезда на провицијаните пивофестови… Најбаналните видови од оваа последнава, од масовната култура, се прогласуваат за протагонисти во медиумскиот живот на намножените портали. Денес како поважни (носат повеќе посети!) тие се одличен дефокус од вистинските проблеми на транзиторните системи во кои триесет години владее фолклорниот популизам; се пласираат и се прокламираат, не знам – интригите во кралските семејства, срцепарателните стории за личните падови на некогашните „старови“, секси приказните или луксузирањата на богатите, интимниот живот на естрадните ѕвезди… понапред одошто солистот на еден врвен концерт на сериозна музика, појавата на едно ново, релевантно драмско или книжевно дело, уметничката критика за релевантниуметнички случувања по медиумите… И што следи потоа? Кој ќе биде општествениот дискурс по таа структура на информации: и додека растат цените на храната и на животните трошоци, масовнатајвност ќе се замајува со кавгите во кралските семејства, со тоа дали ќе се раведат филмските ѕвезди фатени во изневерувања…и така натаму, и на тоа слично. Се рабира дека и без тој тип на вести не е можно, но ние во нив сме потопени. Заедно со афирмацијата на вистинските вредности и култура.

Живеме во царството на примитивизмот, составен од ријалити-шоу програмите, во масовната багателизација на добриот вкус, во време во кое врие од лоши или катастрофички вести, во најлошиот дел од „американизацијата“ на медиумите според која „само лошата вест е добра вест“, при што вистинската култура и уметност немаат место во таквата политика. Систематски се труеме со поразите дома и во светот, наместо со успесите на уметноста и со триумфите на културата. Не случајно ја сведочиме естрадизацијата во медиумскиот третман на  уметноста и воопшто на културата на овој историски миг; но при тоа го сведочиме истито ефект и на медиумите. Да не заборавиме на синтагмата на Маршал МекЛуан дека и „медиумот е порака“… Пораките што во таa смисла ги добиваме од намножените електронски медиуми се во сѐ поголем број – поразни и тажни…  Сѐ е тоа последица, како што веќе наспомнав, на завладеаниот меркантилизам и профитерство, на ништењето на мериторноста и меритократизмот, на падот на новинарското знаење, на непостоењето на објективна критика не само уметничка туку и политичка; но и на политички феномени како партократијата, политичкиот и идеолошки еготизам, на медиумското и уредничко наемништо, на онаа поразна исклучивост во која најрадикалните медиуми, се разбир по сугестија од наредбодавците, дури и уметниците знаат да ги делат на „наши“ и на „нивни“. Има тука и вонполитички причини, како потиснувањето на уметничкиот авангардизам, завладеаниот интимизам како тема и актуелност, и така натаму…; практично тоа е безвредносниот израз на оваа општествена стварност што речиси нѐ насели нас, на овој вид недозреан клиентелистички и коруптивен капитализам и на културна беспочит што го владејат општеството. И, да се вратам, сега, на Вашето прашање: една мудра и валидна уредувачка политика, убеден сум, мора да води сметка за духовните вредноти, за уметноста, науката, за уметничката афирмација и за сестраната уметничка критика… со еден збор, за културата како целина. Инаку, потонати во живата кал на меркантилизмот и нам нѝ се заканува комплетниот културен заборав.

Трн: На што работи Томислав во моментов?  Со што ви се исполнети деновите?

Томислав: По објавувањето на новиот роман кон крајот на минатата година, сега сум одново на почеток, пред една идеја која ми го плени интересирањето и чии аспекти, како и во претходната книжевна работа, ги истражувам, ги проверувам и чии резултати секојдневно ги бележам. Тоа е почетен процес во кој уживам подеднакво како и во систематичното пишување, изнаоѓање решенија на наративот, на стилскиот израз и на ликовите, инстанца што доаѓа понатаму во творечката работа. Рано е, затоа, да се говори во овој момент.

Васко Лазаревски за Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен