Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трајко Славески пак си играл весела математика, овој пат со буџетот на Северна Македонија за НАТО

Трајко Славески пак си играл весела математика, но овој пат со “итарпејовски” совети за една од најуспешните државни приказни во поновата историја – членството во НАТО. 

Во објава на „Х“, Трајко ја потценува успешната трансформација на Армијата на Северна Македонија која со членството во НАТО ги исполнува стандардите за една од помодерните воени сили во рамките на алијансата и со поговорката “Ем сиромав, ем се дигнал до небо” ги исмејува политиките на зголемување на средствата за АРМ.

Неговата математика не заслужува сериозна анализа затоа што и самата не е сериозна. 

Но, она што Трајко НЕ кажува во таа математика, е дека секое покачување досега е инвестиција во нашата Армија. Онаа Армија која ВМРО-ДПМНЕ одлучи дека ќе ја сведе на скинати униформи и расипана опрема, без покачувања на платите на војниците и со оставање на улица после навршени 45 години.

После Букурешт 2008 кога буџетот за одбрана беше 2,17% БДП, извршната власт водена од ВМРО-ДПМНЕ во континуитет го намалуваше буџетот за одбрана и за една година тој беше преполовен за повеќе од половина и се сведе на 0,9% БДП во 2016 година. Сега е 2,22%БДП. 

Тоа намалување до 0,9 % БДП резултираше со слабеење на нашата Армија и нејзина целосна деградација во однос на армиите на земјите соседи (да не споредуваме подалеку). Не треба човек да е економски професор за да знае дека ако не издвојуваш пари за куќата – куќата ќе почне да се распаѓа. 

Нема ни да навлегуваме дека без членството во НАТО, прашање е колку така третираниот столб на безбедноста и стабилноста на државата и граѓаните би можел да одговори на посериозни предизвици кои очигледно сѐ уште ги има не многу далеку од нас, а после членството спремноста и стандардот им се рамо до рамо со сојузниците. Секако онолку колку што ни е долга чергата. 

Таквите весели математики како оваа на Трајко, доведоа до состојбата во која дпмне го остави Министерството за одбрана во 2017 година.

Не може да се скрие тоа, затоа што е засекогаш запишано на интернет и на тоа не потсетуваат овие наслови, а и содржините во нив: „Буџетите за одбрана, за една деценија, се преполовија“, „Буџетот на Министерството за одбрана на колена“, „Два дена пред да замине Јолевски поништил договори со израелска фирма за набавка на воена опрема

Настрана што ВМРО-ДПМНЕ не само што буквално ништо не направи за да го обезбеди влезот на Северна Македонија во НАТО, туку и го бојкотираше процесот: „Со референдумот или врз него!“, „Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажуваат од дебата во Парламентот, ќе гласаат против уставните измени“.

Најболно од сѐ е дека ВМРО-ДПМНЕ стори сѐ што можеше за да ги спречи законите кои системски ги решаваат проблемите на Армијата, а кои значат достоинствени услови за оние чија работа е да се грижат за мирот на граѓаните. 

Да се потсетиме и на тоа. Еве уште неколку наслови и линкови: „СДСМ: ВМРО- ДПМНЕ го блокира Законот за одбрана, работи против НАТО членството“, „Со 2 000 амандмани, ВМРО – ДПМНЕ го блокира законот кој забранува офицери да бидат политички функционери“,

Да не зборуваме дека таа математика би значела поништување на многу години надчовечки напор на работа на интегрирањето на државата во Алијансата. Нејасно е зошто некој би повикал на таков недржавнички чин. Дали Трајко подготвува терен за повторно кратење на буџетот на АРМ од новата Влада? Ако идејата е да се штеди и да се двојат пари за другите ресори, тогаш зошто се создадоа 4 нови министерства за кои ќе се трошат многу повеќе пари? Плус уште четворица вицепремиери, позицијата за која ВМРО-ДПМНЕ во кампањата најавуваше дека ќе биде укината?!?

Во меѓувреме еве некои славни заложби на Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ за нарушување и загрозување на нашето членство во НАТО: Мицкоски:

1. „Со двотретинско мнозинство во Собрание, ќе го менуваме Преспанскиот договор“ – Се откажаа од менување, го прифатија како реалност.

2. „Мицкоски за Вечерњи лист: Преспанскиот договор не го поддржувам, за членството во НАТО придонес имаат реформите од владите на ВМРО-ДПМНЕ“ – Алооо, Трајкооооо! Абе ВМРО-ДПМНЕ придонесувало за реформи во армијата!

Инаку, Северна Македонија, со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто. 

Како што може да се види, меѓу првите 10 земји членки на НАТО според висината на издвојувања за своите армии во мнозинство се земјите со понов датум членство во алијансата и за тоа сигурно имаат добри причини, ако не друго барем заради нивната географија. За да се види тоа не треба многу, а најмалку треба весела математика.

Р. Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново