Хутите, кои се поддржани од Иран, го презедоа стратешки важниот пристанишен град Мока на брегот на Црвеното Море во Јемен. Нивното напредување предизвика стравувања дека борбите би можеле дополнително да го загрозат бродскиот сообраќај низ теснецот Баб ел-Мандеб.
Мока се наоѓа на околу 80 километри од теснецот што ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив. Низ ова подрачје минува една од најважните светски трговски рути, која преку Суецкиот Канал ги поврзува Европа и Азија.
Според повеќе меѓународни медиуми, силите на Хутите влегле во градот и ги потиснале формациите лојални на меѓународно признаената јеменска влада. Борците поставиле контролни пунктови, затвориле дел од патиштата, а продавниците и пазарите во градот престанале да работат.
Дел од жителите и медицинскиот персонал почнале да се евакуираат кон Аден, кој е под под контрола на силите поддржани од Саудиска Арабија. Борбите продолжиле и во околните подрачја, додека провладините сили одговориле со воздушни напади.
Хутите, според извори на „Ројтерс“, напредувале и кон стратешките острови Ханиш во Црвеното Море. Со контролата врз Мока и евентуалното заземање дополнителни позиции во близина на Баб ел-Мандеб, групата би добила поголема можност да го надгледува и загрозува поморскиот сообраќај.
Заземањето на Мока е едно од најголемите територијални напредувања на Хутите по примирјето постигнато со посредство на Обединетите нации во 2022 година. Последниот развој го зголемува ризикот од обновување на јеменската граѓанска војна во полн обем.
Настаните во Јемен се поврзуваат и со пошироката војна околу Иран. Хутите се дел од регионалната мрежа сојузници на Техеран и во изминатиот период извршуваа ракетни и беспилотни напади врз Израел и бродови во Црвеното Море.
Новото жариште доаѓа во момент кога пловидбата низ Ормускиот Теснец веќе е сериозно нарушена поради конфликтот меѓу Иран, САД и Израел. Истовременото загрозување на Ормускиот Теснец и Баб ел-Мандеб би можело да предизвика уште поголеми проблеми во снабдувањето со нафта и во глобалната трговија.
Цената на нафтата „брент“ се искачи над 105 долари за барел, откако пазарите реагираа на заземањето на Мока, нападите врз танкери и стравувањата од дополнителен прекин на испораките од Блискиот Исток.

