Андреј Цековски на 11 години освои злато во градот што никогаш не спие

Андреј Цековски има само 11 години, но веќе стоеше на сцена во Њујорк со златен медал, победнички пехар и македонското знаме во рацете. Младиот пијанист од Скопје ја прими наградата за освоеното прво место на гала вечерта на победниците, одржана на 5 септември во Центарот за класична музика „ДиМена“.

Пред меѓународната публика, Андреј настапи заедно со млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора, Турција и од други држави. Настапот во Њујорк беше продолжение на успехот што го постигна во март, кога победи на Меѓународниот натпревар за млади музичари и доби покана да настапи на завршната свеченост.

На официјалната листа на победници Андреј е наведен како добитник на прва награда во категоријата за натпреварувачи од 10 до 13 години, во дисциплината пијано соло. Жирито ги издвоило неговата музикалност, техничка сигурност и уметничка зрелост, квалитети што ретко се среќаваат кај музичар на негова возраст.

Зад фотографијата со медалот стојат години вежбање. Андреј почнал да свири пијано на четиригодишна возраст, а денес е ученик во шесто одделение во нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј“. Негова наставничка по пијано е Марија Диманин Богоевска.

Паралелно го посетува и основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје, каде што е одличен ученик и има освоено повеќе државни награди по различни предмети. Покрај музиката и училишните обврски, веќе две години тренира и ракомет.

На сцената во Њујорк, меѓу младите таленти од повеќе континенти, Андреј го заокружи својот досегашен најголем успех држејќи го македонското знаме покрај златниот медал и победничкиот пехар.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?