Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објави фотографија на која е облечен во хируршка облека, проследена со порака дека „време е системот да се оперира без анестезија“.
Во објавата, Филипче наведува дека државата со години се соочува со наталожени проблеми кои, според него, повеќе не можат да се решаваат со половични мерки. Тој порачува дека се потребни темелни и храбри реформи во институциите, наместо одложување на неопходните промени.
Филипче ја користи хируршката терминологија како метафора за состојбата во државата, оценувајќи дека системот бара сериозна интервенција за да стане пофункционален и поефикасен.
Објавата предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците ја поддржаа пораката, а други ја искористија за политички коментари и критики.
Филипче, кој по професија е лекар и поранешен министер за здравство, и претходно во своите јавни настапи користеше медицински аналогии кога зборуваше за состојбите во државата и потребата од институционални реформи.
