Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[ВИДЕО] ВМРО-ДПМНЕ се пишмани за зголемување на пензиите за 5000 наеднаш и линеарно, ќе било на два, три пати или на 10 рати по 500 денари

Со ова дополнително толкување како мислат да го реализираат ветувањето од 5000 денари линеарно и наеднаш, Димитриеска Кочоска само потврди дека сега во партијата се обидуваат да објаснат нешто што тешко се објаснува, односно дека е наивно да им се верува во небулозните ветувања на ВМР0-ДПМНЕ дека над 300.000 пензионери ќе добијат по 5.000 денари линеарно покачување на пензиите.

Зоран БОЈАРОВСКИ

По реакциите на јавноста и на стручните институции дека е небулозно ветувањето за зголемување на пензиите за 5000 денари наеднаш и линеарно, во интервју во емијата 24 анализа на ТВ24, членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министерка за финансии во сенка Гордана Димитриеска Кочоска го повлече, односно дообјасни дека оваа мерка нема да биде спроведена веднаш, туку последователно на два, три, па дури и на десет рати по 500 денари, со што практично потврди дека ова нивно ветување е без реална основа.

Димитриеска Кочоска на прашањето за нивната најава дека ќе ги зголемат пензиите линеарно и наеднаш за 5000 денари, вели „во текот на една година. Значи не наеднаш туку во една година“.

На прашањето како во една година таа вели дека првото покачување „може да биде на почетокот на превземање на власта 2,5 илјади и на почетокот на следната година, значи во една година, во 12 месеци…“

По реакцијата на новинарот дека тоа е практично игра на зборови и дека со антикризните мерки СДСМ ќе интервенира со 15 илјади за пет месеци, Димитриеска Кочоска вели дека тоа било различно.

„Они даваат мерка што ќе биде со краток ефект и после тоа нема да им ги даваат парите. Ние зборуваме дека имаме линеарно зголемување коешто е трајно. Не зборуваме дека ќе им даваме 12 месеци, јас само кажав дека ќе ги добијат тие 5000 денари во 12 месеци. Може првиот пат 2,5 илијади и за шест месеци 2,5 илјади, ќе видиме како ќе дозволат условите во тој момент“, се објаснуваше Димитриеска Кочоска.

На интервенцијата на новинарот дали може да се случи тие 5000 денари да се исплатат секој месец по 500 денари, 10 месеци по 500 денари, Димитриеска Кочоска вели „може и така, но тоа ќе биде зголемување, а не едно мерка“.

Со ова дополнително толкување како мислат да го реализираат ветувањето од 5000 денари линеарно и наеднаш, Димитриеска Кочоска само потврди дека сега во партијата се обидуваат да објаснат нешто што тешко се објаснува, односно дека е наивно да им се верува во небулозните ветувања на ВМР0-ДПМНЕ дека над 300.000 пензионери ќе добијат по 5.000 денари линеарно покачување на пензиите.

Повеќе фактори говорат дека тоа е невозможно и дека е надвор од секоја финансиска и фискална логика ова лесно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, што го потврди и анализа на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Во анализата се нагласува дека за стабилноста на пензиските финансии, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи актуелната политика за стабилни приходи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.

Вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, кој претседава со Економско-социјалниот совет за дијалог на Владата со пензионерските организација Фатмир Битиќи, за ова нереалнос ветување на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е „истресено од ракав“.

„Имаме 334.971 корисници на пензија, согласно последниот извештај на ПИОМ за месец октомври 2023 година, помножено со 5.000 денари, кои ВМРО – ДПМНЕ ги предлагаат, е еднакво на 1.674.855.000 денари, односно 27,2 милиони евра месечно, што е вкупна сума од 326,8 милиони евра на годишно ниво“, напиша вицепремиерот Фатмир Битиќи одговарајќи на колумна на Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ и предлогот на опозициската партија за линеарно зголемување на пензиите за сите пензионери.

Вицепремиерот истакна дека ваквото зголемување е 2,5 отсто од БДП, но 27,1 отсто од предвидениот буџет на ПИОМ.

„Ова значи дека ВМРО – ДПМНЕ со бројки истресени од ракав за зголемување на пензиите, сакаат дупката во фондот за ПИОМ да ја прошириат за 27,1%, што за добрите познавачи на финансиите, не значи само проширување на дупката во фондот за ПИОМ, туку тоа е буквално креирање на цунами кое за само една година комплетно ќе го збрише фондот за ПИОМ“, појаснува Битиќи.

Од друга страна непобитни се фактите што ги наведува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во изјавата за Рацин.мк за придобивките од системски решенија во последните 5 години.

„Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година односно повисока пензија за 47%. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија 47%. Од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра. Сума која досега ниту една Влада ја нема исплатено“, изјави за Рацин.мк министерката Тренчевска, што само потврдува дека системското решение за раст на пензиите, всушност, го остварува тоа што го најавува ВМРО-ДПМНЕ, само што тоа од неговото донесување станува трајно, утврдено со закон, и не зависи од волјата на било која политичка партија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира