Жештината станува закана за храната што стигнува до нас

Жештината веќе не е само летна непријатност, туку закана за храната што стигнува до нас, предупредуваат ФАО и Светската метеоролошка организација во новиот извештај објавен на 22 април. Според нивната проценка, екстремните горештини денес ги загрозуваат здравјето, продуктивноста и егзистенцијата на повеќе од една милијарда луѓе, а најизложени се земјоделците и целиот агропрехранбен систем.

Проблемот повеќе не е само во тоа што летата се потопли. Кога температурите траат подолго и остануваат високи и преку ноќ, растенијата, животните, рибите и луѓето влегуваат во зона на стрес. Кај повеќето главни земјоделски култури приносите почнуваат да паѓаат над 30 степени Целзиусови, додека кај добитокот стресот почнува над 25 степени, а кај кокошките и свињите и на нешто пониски температури.

Тоа значи дека жештината веќе ја менува економијата на храната. Не страда само полето, туку и млекото, месото, рибата, овошјето, работната сила, транспортот и цената на крајниот производ. ФАО наведува дека екстремната жештина годишно носи загуба од околу половина билион работни часови, а во некои делови од светот до крајот на векот може да има и до 250 денови годишно во кои ќе биде премногу опасно да се работи на отворено.

Најсилниот пресврт е што жештината не дејствува сама. Таа го засилува недостигот на вода, ги поттикнува брзите суши, го зголемува ризикот од пожари и создава услови за ширење штетници и болести. Во Бразил, на пример, долгиот топлотен удар во 2023 и 2024 година придонел приносите на соја да паднат и до 20 проценти, додека во Киргистан топлинскиот шок врз овошјето и пченицата бил поврзан со пад од 25 проценти кај житните приноси.

Оваа криза доаѓа во момент кога храната веќе е чувствителна на енергетски трошоци, ѓубрива и геополитички прекини. Индексот на цените на храната на ФАО во март пораснал втор месец по ред, а поскапеле житарките, растителните масла, месото, млечните производи и шеќерот.

Затоа следното големо прашање не е само колку ќе биде топло летото, туку колку долго храната ќе може да се произведува по старите правила. Одговорот, според ФАО и СМО, ќе зависи од рани предупредувања, нови сорти, изменети рокови за садење, подобро управување со водата и поддршка за земјоделците кои први ја плаќаат цената на новата клима.

Зачлени се на нашиот е-билтен