Жителите на бугарското село Безмер и на околните населени места почнаа петиција и најавија протест против распоредувањето американски авиони-танкери во блиската воена база, стравувајќи дека регионот може да стане цел во конфликтот меѓу САД и Иран.
Бугарскиот парламент одобри во базата „Безмер“ привремено да бидат стационирани до осум американски авиони KC-135, најмногу 250 воени лица и придружна опрема. Распоредувањето е предвидено од 24 јули до 1 октомври, а одлуката беше усвоена со 136 гласа „за“, 13 „против“ и двајца воздржани.
Градоначалникот на селото, Росен Русев, изјави дека жителите не се против воената база и меѓународните вежби, туку против конкретната мисија и начинот на кој биле информирани. Според него, локалното население стравува дека по иранското предупредување областа станува потенцијална воена цел.
Против распоредувањето реагираа и претставници на соседните села Бољарско и Роза. Тие бараат државата да даде јасни безбедносни гаранции, посочувајќи дека населените места се наоѓаат непосредно до базата и дека логистичката поддршка, според нив, е дел од пошироките воени операции. Повеќе градоначалници од регионот доставиле забелешки поради безбедносните ризици.
Бугарската влада тврди дека од територијата на земјата нема да се извршуваат борбени операции. Премиерот Румен Радев изјави дека авионите ќе се користат исклучиво за логистички мисии и полнење гориво во воздух надвор од бугарскиот воздушен простор. Министерот за одбрана Димитар Стојанов нагласи дека нема да бидат распоредени офанзивни оружени системи и дека Вашингтон дал гаранции за намалување на ризиците.
Иран претходно ја предупреди Софија дека дозволувањето бугарска територија да се користи за поддршка на американските операции може да ја направи земјата соучесник во воените дејства. Предупредувањето дополнително ја зголеми загриженоста меѓу жителите во околината на базата.
Базата „Безмер“, која се наоѓа на околу 260 километри југоисточно од Софија, е објект за заедничка употреба според договорот за одбранбена соработка меѓу Бугарија и САД од 2006 година. За нејзино користење за нова намена е потребно одобрение од бугарскиот парламент.
