Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Собраниска делегација на брифинг во седиштето на НАТО во Брисел

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО, денеска и вчера се одржал редовниот брифинг за новоизбрани пратеници во седиштето на Алијансата во Брисел.

На состанокот учествувале пратеници од девет земји членки и пет асоцијативни делегации, кои прв пат се дел од телата на Парламентарното собрание, меѓу кои и делегацијата од Собранието во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на делегацијата.

Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, настанот бил уникатна можност учесниците изворно да се информираат за начинот на функционирање и соработката меѓу парламентарниот и владиниот дел на Алијансата, како и за нејзините актуелните приоритети, политики и идни предизвици во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг следната година.

– Беше поздравено значителното инвестирање и одвојување средства во делот на одбраната кај сите земји членки, со потенцијал истите да продолжат да се зголемуваат во следните години. Особено беше потенцирана потребата од континуирана комуникација меѓу земјите членки, координацијата на заедничките активности, како и зголемената соработка со индустријата, како клучни за нивно поуспешно делување, се наведува во соопштението.

Присутните биле согласни дека заштитата на универзалните вредности треба безусловно да продолжи и во иднина.

Во тој контекст, биле разменети мислења за ситуацијата во Украина, но и за случувањата во Блискиот Исток, Медитеранот, Западниот Балкан, северот на Африка и Индо-Пацификот.

Што се однесува до идните предизвици, се вели во соопштението од Собранието, било посветено особено внимание на размена на информации и искуства околу користењето на и инвестирањето во вештачката интелегенција, вселената, зајакнување на отпорноста и спречувањето на хибридните и сајбер нападите, злоупотребата на дезинформации и информациите за манипулации за политички и други цели, како и за ре-дефинирањето на односите и соработката со трети земји.

Зачлени се на нашиот е-билтен