Судењето за случајот со грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски продолжува денеска во Кривичниот суд во Скопје. Се очекува да сведочат нови лица, вклучително и Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми и Мирче Мицевски. Следното сослушување е закажано за петок, на 15 ноември, кога ќе сведочат Маја Спироска, Ѓорги Џолев и други повикани лица.
Досегашните сведочења, меѓу кои и на полициските инспектори Музафер Каришиќ и Дејан Димовски, истакнаа дека осомничениот Влатко Кешишев соработувал со полицијата и ги водел до местото каде е пронајдено телото на Вања. Според обвинението, првообвинетиот Љупчо Палевски, заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, го испланирале киднапирањето на Вања со цел да изнудат откуп, но наместо тоа, ја убиле девојката на брутален начин.
Презентирани се и докази за поврзаноста меѓу киднапирањата и движењето на возилото „цитроен“ на Панче, кое било искористено за киднапирање на Вања. Полицијата ги поврзала обвинетите и со движењето на возилото на партијата Десна.
Сведочењата открија детали за начинот на киднапирање и убиствата. Обвинетите ги врзале рацете и нозете на Вања, а потоа ја однеле до претходно ископана дупка, каде што е извршено убиството со истрел во главата.
Сите обвинети се изјаснија дека се невини, а процесот ќе продолжи со дополнителни сослушувања и презентирање на докази.