Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември, беше одбележан со настани и дискусии за иднината на високото образование во Македонија. На панел-дискусиите организирани од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ се отворија клучни теми како квалитетот на образованието, финансирањето и потребата од намалување на бројот на универзитети.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Александар Николовски, истакна дека студентите се соочуваат со недостаток на практични вештини и дека е потребна итна ревизија на студиските програми. „Имаме премногу универзитети, а нашите институции се сè подолу на светските ранг-листи,“ рече Николовски, додавајќи дека главна цел е барем два универзитета од Македонија да се најдат на листата на најдобро рангирани.
Тој посочи дека воведување бесплатно образование за најдобрите студенти, како што е пракса во регионот, е клучно за задржување на младите во земјата. „Промена во финансирањето и укинување на дополнителните трошоци е неопходна,“ додаде Николовски, повикувајќи се на членот 123 од Законот за високо образование кој предвидува покривање на трошоците од страна на МОН.
УСС заедно со Националното студентско тело (НСТ) доставиле предлог до Министерството за економија за ваучер-систем „Нашите млади создаваат дома,“ кој предвидува поддршка за постдипломски студии, стартапи и враќање на македонските студенти од странство.
Проф. д-р Солза Грчева, национален координатор за реформи, истакна дека е потребно заострување на критериумите за професорите и дигитализација на универзитетите. „Образованието и науката се глобални, а не локални. Мора да работиме заедно за да го подигнеме нивото,“ нагласи Грчева.
Настаните беа поддржани од Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO). Претседателот на МОФ, Ристо Савески, ја истакна потребата од зголемено вложување во науката и регионална соработка.
Свечениот дел од прославата ќе се одржи во културниот центар „Лабораториум“ со промоција на платформата „Линкер,“ која има за цел да ги поврзе студентите со работодавачите и да го модернизира пазарот на трудот.