Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сепак ќе патуваме со зелен картон, комплексно било укинувањето

Зелениот картон останува неопходен документ за влез со моторни возила во европските и соседните земји, како што се Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Молдавија. Од Националното биро за осигурување (НБО) истакнуваат дека не треба да се создава конфузија кај сопствениците на возила, бидејќи во моментов зелениот картон е функционален, а неизвесно е дали и кога би можеле да се воведат промени во неговата примена.

Од НБО појаснуваат дека евентуалното спојување на Зелениот картон со полисата за осигурување од автомобилска одговорност е комплексно прашање кое зависи од меѓународната и домашната регулатива.

„Ова не е процес што може да се спроведе брзо. Иако темата се дискутира во регионот, нема консензус, бидејќи државите членки на ЦЕФТА користат различни модели на системот за зелена карта,“ велат од Бирото.

Според НБО, измените околу зелениот картон мора да се решаваат генерално, бидејќи зависат од интерните регулативи на Советот на бироа во Брисел, законот за задолжително осигурување во сообраќајот, билатералните договори меѓу националните бироа, како и тарифниот систем и правилниците на НБО.

Иако ЦЕФТА Секретаријатот го разгледува прашањето за измени, од НБО нагласуваат дека укинувањето на зелениот картон само за ЦЕФТА државите е непрактично. „Граѓаните ќе мора да го користат зелениот картон за влез во која било друга ЕУ држава или земја потписничка на Мултилатералната спогодба одобрена од Советот на бироа,“ посочуваат оттаму.

Националното биро дополнително потсетува дека прашањето за укинување на зелениот картон може да се реши само со вклучување на премијата во полисата за автомобилска одговорност, што би го упростило користењето на документот во рамките на мултилатералната спогодба. Сепак, за тоа е потребно пошироко регионално и меѓународно усогласување.

Зачлени се на нашиот е-билтен