Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Студентите во „Пелагонија“ во ужасни услови: Стаорци, инсекти и студена вода

Животот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје се претвори во секојдневна борба со проблемите. Од недостаток на топла вода, нефункционални лифтови, па сè до стаорци во тоалетите и инсекти во храната – станарите на овој дом се соочуваат со неподносливи услови, пишува Мета.

„Пелагонија“ повеќе од еден месец е без директор, бидејќи претходниот поднесе оставка во октомври. Без нов управител, студентите немаат на кого да се обратат за решавање на проблемите.

„Секое утро стануваме и се миеме со студена вода – ако воопшто има вода. Лифтовите не работат, па мора да одиме пеш од осми кат. По враќањето од факултет, со глад во стомакот, се надеваме дека ќе има нешто за јадење во мензата“, вели еден студент.

Дел од студентите сведочат дека топла вода има само до 11 часот наутро, а на погорните спратови нема доволен притисок ниту за ладна вода. Постојаните дефекти на лифтовите особено ги погодуваат оние сместени на повисоките катови.

„Мајсторите доаѓаат, гледаат, и заминуваат без да решат нешто. Во собата ни течеше вода и по пет пријави, ни рекоа дека нема што да се направи. Водата продолжи да си тече“, велат група студенти.

Студентите до Мета.мк испратиле фотографии на кои се гледаат инсекти во храната од мензата. Ова дополнително ја загрижува безбедноста и здравјето на станарите.

Овие сведоштва го отсликуваат животот во еден од најголемите студентски домови во Скопје, каде што основните услови за пристојно живеење речиси и да не постојат.

Зачлени се на нашиот е-билтен