Бизнисот ги очекува побрзо парите од унгарскиот кредит, Владата да го реши проблемот со банките

Претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски, денеска изрази очекување Владата што поскоро да ги договори условите за унгарскиот кредит со комерцијалните банки, со цел македонската економија да добие потребна поддршка.

Ангелоски нагласи дека кредитот од Унгарија е поповолен во однос на рочноста и има конкурентна каматна стапка од 3,25 проценти. Тој истакна дека банките природно ги штитат своите интереси, но Владата треба да има поширок поглед и да го застапува јавниот интерес.

– Потребно е заедничко решение за успешно финализирање на оваа иницијатива. Приватниот сектор очекува дека средствата од унгарскиот кредит ќе бидат достапни преку Развојната банка и комерцијалните банки. Тоа ќе биде важен поттик за нови инвестиции, отворање работни места и создавање додадена вредност, изјави Ангелоски на новинарско прашање за време на настанот со кој ССК одбележа 20 години од своето основање.

Тој додаде дека износот од 250 милиони евра можеби не е голем, но е значаен и добредојден за македонските компании. Според него, фирмите би биле задоволни ако добијат можност за инвестиции со рокови до 15 години.

Во јавноста, како што посочи, има дискусии за евентуалното субвенционирање на каматите за унгарскиот кредит, но ваква практика не би била новина, бидејќи и претходно македонските влади преземале слични чекори.

– Сите развиени држави во светот се одлучиле да имаат развојни банки и, по потреба, да интервенираат со финансиски средства за поттикнување на економскиот раст, додаде Ангелоски.

Најчитано