Кризата во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ продолжува, а обвинувањата меѓу Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ се продлабочуваат. Градоначалничката Данела Арсовска вината ја лоцира кај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за саботажа и блокирање на процесите во Советот, додека од партијата возвраќаат со критики за нејзиното управување со Градот.
Во писмено соопштение, од Град Скопје посочија дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат мнозинство, веќе три години ја блокираат набавката на 250 екоавтобуси, вклучително и последниот предлог доставен на 25-та седница на Советот. Дополнително, тие го обвинија Мицкоски и кадрите на неговата партија за саботажа на јавниот превоз преку одлуката на Бирото за јавни набавки да ја поништи редовната набавка на гориво, што, според нив, првпат ја довело ЈСП во криза за гориво.
„Три години советниците на ВМРО-ДПМНЕ, по наредба на Мицкоски, ја блокираат работата на градот. Сите одлуки зависат од нивната политичка волја, а граѓаните трпат поради нивната саботажа и уцени. Вината е единствено кај нив и нивниот лидер,“ наведуваат од Градот.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со остра критика за Арсовска, опишувајќи ја како неефикасна и безвизија градоначалничка, која не направила ништо за подобрување на јавниот превоз.
„За три години таа не само што не направи ништо, туку го надмина и својот претходник Петре Шилегов. Наместо да се фокусира на проектите за Скопје, таа ги троши силите на смени на директори – дури 30 директори на јавни претпријатија и тројца секретари на Градот беа сменети во нецели три години,“ изјавија од партијата.
Додека обвинувањата продолжуваат, скопјани остануваат без соодветен јавен превоз, а решението за кризата во ЈСП изгледа сè подалечно.