Фотоизложбата „Што носеше кога сама си го бараше?“ на Види Вака, во соработка со фотографката Ерина П. Богоева, ќе биде отворена на 21 ноември во 19 часот во Кинотеката на Македонија и ќе биде поставена до 25 ноември.
Изложбата пренесува приказни на 15 жени кои храбро проговориле за сексуалното вознемирување и насилство со кое се соочиле. Целта е да се испрати јасна порака: „Никојa не си го бара!“ – со обвинување на жртвите се застанува на страната на насилниците.
Според податоците, 45% од жените во Македонија доживеале некаква форма на психичко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер по нивната 15-годишна возраст. Физичко насилство пријавиле 10%, а сексуално 3% од жените, додека 30% се изјасниле дека биле жртви на сексуално вознемирување.
Оваа изложба е иницирана како одговор на зголемениот број фемициди и други форми на насилство врз жените, со цел подигнување на јавната свест и повик за промена.
Податоците се обезбедени од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.