До канцеларијата на Народниот правобранител стигнале 20 претставки за загадениот воздух, како дел од вкупно четириесетина жалби за животната средина до октомври. Половина од нив се однесуваат на квалитетот на воздухот, додека останатите се за други еколошки проблеми.
Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери, кој го отвори Меѓународниот форум за „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“, организиран во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Норвешка и спроведуван во соработка со УНДП.
Зибери нагласи дека загадувањето има трајни последици на здравјето и животната средина, поврзувајќи го со зголемената смртност и зачестените природни катастрофи како поплави и урагани. Тој истакна дека најголемите загадувачи во светот не го потпишале договорот за климатски промени.
„Скопје, Тетово, Струмица и Кочани се меѓу најзагадените градови во светот“, рече Зибери, потсетувајќи на истражувањето на УНИЦЕФ кое покажува дека секое десетто новородено дете во земјата умира како последица на загадената животна средина.
Народниот правобранител го критикуваше недостатокот на инспектори за животна средина во општините и повика на усвојување на нов закон за заштита на животната средина, бидејќи актуелниот закон од 2006 година не е прилагоден на современите еколошки предизвици.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, изјави дека државата се фокусира на решавањето на причините за загадувањето преку проекти за гасификација и намалување на зависноста од јаглен. Ова ќе биде долгорочно решение за намалување на загадувањето во урбаните средини.