Поранешниот помошник-државен секретар на САД за Европа, Томас Кантримен, ја поздрави одлуката на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да ја именува Радмила Шекеринска за своја заменичка. Според него, поранешната вицепремиерка и министерка за одбрана е „многу способна и интелигентна жена“, што ја прави одличен избор за оваа позиција.
Кантримен нагласува дека најважен е квалитетот на кандидатот, а не од која земја доаѓа. „Не е изненадување, затоа што во вакви избори главниот фактор е компетентноста, а не националноста. Пресудна е комбинацијата на познавање дипломатија и одбрана,“ вели тој.
Тој додава дека именувањето на најспособниот кандидат често е поважно од одржување геополитичка рамнотежа. „Луѓето во регионот мислат дека се центар на Европа, ако не и на универзумот, но тука не се работи за рамнотежа меѓу држави, туку за вистински квалификувана личност за оваа функција,“ изјави Кантримен за „Kosovo Online“.