Бирото за јавни набавки изврши управна контрола врз постапката за јавна набавка на Еуродизел, спроведена од ЈСП-Скопје. Контролата е спроведена согласно Законот за јавни набавки, кој предвидува задолжителна проверка на сите набавки на стоки и услуги со вредност над 500.000 евра.
Во известувањето на Бирото се наведува дека ЈСП направило избор на неприфатлива понуда како најповолна. Станува збор за единствената понуда доставена во постапката, која не ги исполнува условите наведени во тендерската документација, конкретно точка 1.4.8.
„Управната контрола утврди дека избраната понуда не ги исполнува бараните услови и даде инструкции ЈСП да ја поништи одлуката за избор и постапката за набавка,“ се вели во соопштението. Бирото нагласува дека овие инструкции се во согласност со членот 177 став 3 од Законот за јавни набавки и дека ЈСП не ги искористило правните механизми за оспорување на одлуката, што ја потврдува правилноста на контролата.
Во врска со изјавите од Град Скопје, кои наведуваат политички влијанија врз одлуките на Бирото, институцијата категорично ги отфрла овие тврдења како „непримерни и непрофесионални.“
„Бирото за јавни набавки постапува исклучиво професионално и согласно законските прописи, без оглед на дневно-политичките препукувања. Наместо да шири политиканство, Градот Скопје треба да ги искористи законските можности за решавање на итните потреби за гориво,“ стои во соопштението.
Бирото апелира до надлежните органи да преземат одговорност и навремено да реагираат со цел да се обезбеди функционирање на јавниот превоз додека не заврши редовната постапка за набавка.