Додека граѓаните на Скопје се соочуваат со недостиг на јавен превоз, градоначалничката Данела Арсовска минатиот викенд учествуваше на семинар во Бразил, без никаква транспарентност или најави од нејзиниот тим.
Во периодот од 14 до 17 ноември, Арсовска беше дел од состанок на „Urban 20“ во рамките на Г-20, каде дискутираше за климатските промени и човековите права. Настанот, организиран од Обединетите градови и локалните власти (UCLG), собра градоначалници од целиот свет, кои понудија решенија за социјални и еколошки предизвици.
Иако климатските промени се глобален приоритет, граѓаните се прашуваат дали присуството на Арсовска беше навистина неопходно, особено во услови кога Скопје се соочува со хаос во јавниот превоз. Во текот на нејзината посета, автобусите на ЈСП сообраќаа со минимален капацитет поради недостиг на гориво, оставајќи многумина да чекаат на минусни температури. Исто така Скопје беше високо на листата на најзагадени градови во светот.
Проблемите во градот кулминираа, но градоначалничката остана молчалива за можните решенија. Наместо отчетност, граѓаните добиваат соопштенија кои го префрлаат проблемот на други институции.
Советот на Град Скопје закажа вонредна седница за да расправа за нефункционирањето на јавниот превоз, додека Владата најави итни мерки за обезбедување гориво од државните резерви.
Граѓаните бараат одговорност: Како е можно да се зборува за глобални решенија, кога локалните проблеми остануваат нерешени?