Биткоинот постави нов рекорд, надминувајќи 104.000 долари, што претставува раст од над 45% во однос на претседателските избори во САД, кога се тргуваше под 69.000 долари. Овој историски скок го врати вниманието на глобалната јавност, а во Македонија се засилуваат напорите за регулирање на криптовалутите.
И покрај растечката популарност на криптовалутите, Македонија досега нема јасна правна рамка за нивно регулирање. Инвеститорите работат во неизвесност, користејќи меѓународни платформи и соочувајќи се со ризици поради правна несигурност.
Но, премиерот Христијан Мицкоски најави дека ова ќе се промени.
„Во моментов, тргувањето со криптовалути кај нас се врши полулегално. Работиме на тоа да го канализираме ова во рамките на законот. Имаме многу предизвици, но ова е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, што ќе направиме ваква регулатива,“ изјави тој.
Со ова, Македонија би можела да стане пионер во регионот, следејќи ги примерите на земји кои веќе инвестираат дел од своите буџети во биткоин. Додека светот се движи кон поголема дигитализација, македонските власти го гледаат регулирањето на криптовалутите како чекор напред кон економска модернизација.