Кристијане Ајлдерс : Медиумите, особено социјалните мрежи активно влијаат врз формирањето на јавното мислење

На панелот „Демократијата под опсада“ во рамките на конференцијата „Одбрана на демократијата и човековите права“, проф. д-р Кристијане Ајлдерс од Универзитетот Хајнрих Хајне, Германија, ја истакна трансформацијата на улогата на медиумите и нивното влијание врз поларизацијата во општествата.

„Медиумите некогаш беа инфраструктура за демократијата, бидејќи преку нив се креираше јавното мислење. Денес, нивната улога често се поврзува со продлабочување на конфликти и поларизација – нешто што е алармантно за здравјето на демократските процеси,“ рече таа.

Ајлдерс нагласи дека медиумите, особено социјалните мрежи, не само што пренесуваат, туку активно влијаат врз формирањето на јавното мислење.

„Кога конфликтите се придружени со силни емоции и изразени разлики во ставовите, тие можат да ја поделат јавноста, особено преку платформите за дигитална комуникација,“ додаде таа.

Таа ги поврза глобалните кризи како војните во Украина и Израел со поларизацијата во локалните политики. „Размената на ставови денес често се случува преку медиумите, што го комплицира дијалогот меѓу различните страни.“

Д-р Ајлдерс е професорка по комуникации и медиумски студии на Универзитетот Хајнрих Хајне од 2011 година и директорка на Центарот за напредни интернет студии (CAIS) во Бохум од 2023 година. Нејзината работа е насочена кон анализа на медиумите како алатки за социјална трансформација.

Конференцијата „Одбрана на демократијата и човековите права“, како дел од Неделата на човекови права, собра учесници од повеќе од 25 земји. Настанот ги истакна предизвиците за демократијата во ера на дезинформации, со акцент на потребата од мултилатерални решенија и поголема медиумска одговорност.

Најчитано