Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска одобри две регулативи за воспоставување и примена на рамката за собирање и предвремено доставување на информации за авионските патници (АПИ), со која се очекува да биде подобрена граничната безбедност на блокот и зајакната борбата против тероризмот и сериозниот криминал.
Според унгарски министер за внатрешни работи Шандор Пинтер, ЕУ не сме да се дозволи сиви зони во врска со лицата кои пристигнуваат во неа со авиони.
Според Регулативата за собирање и предвремено доставување на информации за патниците, авиокомпаниите ќе бидат должни на граничните служби однапред да им доставуваат податоци за лицата кои патуваат со нивните авиони на линии од трети земји кон членките на Унијата. Овие податоци треба да вклучуваат информации за патните документи на патниците, како и детали за летот и багажот.
Ова, според Советот, ќе им овозможи на властите да спроведат претходни проверки на патниците што доаѓаат, да ги проценат потенцијалните безбедносни ризици и ефикасно да се справат со нив, со што ќе се забрзаат граничните проверки и ќе се гарантира поголема безбедност на надворешните граници на ЕУ.
Регулативата за примена на АПИ, пак, треба да помогне во спречување, откривање и гонење на лицата поврзани со тероризам и сериозен криминал. Тоа би се постигнало со поврзување и вкрстена проверка на податоците од АПИ и од евиденцијата на имињата на патниците, со што би им се овозможило на властите да ги следат криминалните активности и да го спречат минување на криминалците и терористите преку границите на ЕУ.