Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нов напад на Украинци среде Москва, пронајдено тело во снегот: „Тој е виновен за смртта на илјадници Украинци!“ 

Руски експерт за оружје, кој работел на модернизација на крстосувачки ракети кои биле лансирани кон Киев и други украински градови, е убиен во Москва, објавија украинските медиуми. Михаил Шацки беше одговорен за надградбата на руските крстосувачки ракети Kh-59 и Kh-69, како и за интеграцијата на системи за вештачка интелигенција во беспилотни летала. Тој беше заменик-главен дизајнер на руското дизајнерско биро Марс. Шацки е убиен од сторител кој побегнал од местото на злосторството во паркот Кузмински, на 20-ина километри од Кремљ, пишуваат медиумите, а пренесува британски The Times.  „Украинска правда“ наведува дека ликвидацијата ја извршила ГУР, украинската воена разузнавачка служба. 

Александар Невзоров, руски дисидент во егзил, објави фотографија од маж кој изгледа како Шацки како лежи мртов во снегот обоен со крв. Се претпоставува дека е убиен недалеку од неговиот дом. „(Тој беше) виновен за смртта на илјадници невини Украинци“, напиша тој на Телеграм. 

„Се чини дека никој од оние кои се виновни за геноцидот врз Украинците нема да умре од природна смрт“, додаде тој. 

Невзоров, поранешен руски парламентарец и новинар, кој доби украинско државјанство откако избега од Москва, тврди дека Шацки бил убиен од киевските специјални служби. „Буданов има долга рака“, напиша тој, мислејќи на Кирил Буданов, шеф на ГУР. 

Буданов претходно призна дека неговите агенти се одговорни за бројни напади врз про-Кремљ личности во Москва. Тој, исто така, во јули рече дека Украина постојано се обидела да го убие рускиот лидер Владимир Путин. 

Минатиот месец, Валери Транковски, руски поморски офицер, беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во окупираниот Крим, наводно од страна на украинската служба за безбедност СБУ, потсетува Тајмс.  Се верува дека Транковски учествувал во ракетниот напад врз градот Виница во 2022 година, во кој загинаа 29 лица, како и во смртоносните напади на Одеса. 

Во октомври, Дмитри Голенков, пилот на руските воздухопловни сили за кој се вели дека извршил напади врз Украина во кои загинаа десетици цивили, беше пронајден мртов во западна Русија со повеќекратни повреди на главата, за кои се верува дека биле нанесени со чекан. Украина го обвини Голенков за ракетен напад врз станбен блок во Днипро во кој загинаа 46 лица, меѓу кои шест деца, како и друг напад во кој загинаа 22 цивили во градот Кременчук.

Зачлени се на нашиот е-билтен