Екстремната десница во Германија бара да излезат од НАТО

Фото: Olaf Kosinsky, CC BY-SA 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Есктремнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) најавува дека Германија треба да го преиспита своето членство во НАТО, доколку САД не ги земаат предвид интересите на европските земји, вклучително и на Русија.

„Европа беше принудена да ги спроведе американските интереси. Ние тоа го отфрламе. НАТО во моментов не е одбранбен сојуз. Одбранбената заедница треба да ги прифати и почитува интересите на сите европски земји, вклучително и интересите на Русија. Доколку НАТО не е во можност да го обезбеди тоа, Германија треба да се запраша до кој степен тој сојуз е сè уште корисен за нас“ изјави копретседавачот на партијата Тино Крупала за германскиот весник „Велт“.

Поддршката на АфД во Германија, според анкетите, се движи околу 18 и 10 отто пред предвремените парламентарни избори во Германија кои се закажани за 23 февруари.

Канцеларот на Германија Олаф Шолц го поттикна распуштањето со барање за гласање доверба на владата по распадот на неговата тричлена владејачка коалиција во ноември.

Поддршката за АфД, според анкетите, е поголема од онаа на социјалдемократите на Шолц, за кои би гласале 16 до 17 отсто од граѓаните и е зад конзервативниот блок ЦДУ-ЦСУ, кој води со 31 до 32 отсто поддршка. 

Сепак, АфД има мали шанси да учествува во формирањето на владата, бидејќи другите партии ја отфрлија можноста за соработка со екстремно десничарската партија.

АФД силно ја критикува воената поддршка на Германија за Украина и повика на брз крај на војната.

„Германската влада конечно треба да дојде до точката каде што сака да ја заврши војната. Русија победи во оваа војна, реалноста ги надмина оние кои сакаат да ја направат Украина способна да победи“, вели Крупала, чија колешка Алис Вајдел ќе ја предводи листата на АфД како кандидат на партијата за канцелар. 

Војната во Украина се очекува да биде една од главните теми на кампањата во Германија. Канцеларот Шолц вети натамошна поддршка на Киев, но сепак е претпазлив, бидејќи сака да ги придобие гласовите на пацифистите, особено на истокот на Германија.

Шолц се спротивстави на повиците за испраќање ракети со долг дострел во Киев кои може да се употребат за гаѓање цели на на руска територија, стравувајќи дека Германија ќе биде вовлечена во конфликтот, а неодамна имаше директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин.

Зачлени се на нашиот е-билтен