Новогодишната потрошувачка кошничка, воведена како мерка за намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци, повторно предизвика реакции во јавноста. Кошничката, која ќе биде активна од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025, вклучува над 600 производи со најавени попусти од минимум 10%. Сепак, граѓаните ја доведуваат под знак прашалник нејзината ефикасност и трајност, бидејќи цените се веќе поскапени, па овие 10 проценти помалку нема ниту да се почувствуваат.
Од опозициската СДСМ, оваа мерка се опишува како недоволна и несистематска. Тие сметаат дека мерките како укинување на ДДВ за основните прехранбени производи би биле посеопфатни и би довеле до вистински заштеди за граѓаните. Според нивните пресметки, укинувањето на ДДВ би овозможило заштеда до 2.000 денари месечно по семејство, што е значително повеќе од минималните ефекти забележани од претходните слични иницијативи, како што беше „Есенската кошничка“ која донесе минимална заштеда од само 57 денари по домаќинство, што предизвика дополнителна фрустрација кај граѓаните.
Организацијата за заштита на потрошувачите предупредија дека голем дел од производите во кошничката претходно биле поскапени, па попустите не резултираа со реално намалување на цените. Освен тоа, се забележува дека компаниите доброволно ја креираат и спроведуваат оваа мерка, без пропишани казнени механизми за оние кои нема да ја почитуваат. Ваквиот пристап создава сомнежи за искреноста и ефективноста на акцијата.
Дополнително, експертите посочуваат дека е потребна подлабока анализа на економските и социјалните ефекти на ваквите мерки. Од Владата најавија дека податоците ќе бидат анализирани откако ќе заврши акцијата, но јавноста останува скептична поради недостатокот на јасни и мерливи цели.
Критичарите апелираат на потребата од структурални промени и долгорочни мерки, кои би овозможиле одржливост и вистински подобрувања во животниот стандард на граѓаните. Доколку Новогодишната кошничка покаже слични ограничени резултати, како претходните мерки, Владата би можела да се соочи со дополнителни критики за неуспешно адресирање на економските предизвици.
Бројот на производи во „Новогодишната кошница“ продолжува да расте и веќе достигна 1.036, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Акцијата, која вклучува над 90 производители и дистрибутери, од вчера е достапна во 38 синџири на маркети низ земјата и ќе трае до 15 јануари 2025 година.
Министерот објасни дека оваа иницијатива, поттикната од бизнис секторот, има за цел да обезбеди пониски цени за граѓаните за време на новогодишните празници. Производите се обележани со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а намалувањето на цените е најмалку 10% од нивото во последните 30 дена.
Државниот пазарен инспекторат следи дали маркетите ја почитуваат акцијата и ги повикува граѓаните да пријават неправилности на бесплатниот број 191 или преку веб-страницата на инспекторатот.
Комплетната листа на производи и информации е достапна на www.mojakosnica.mk.